ЕК внимателно ги следи разговорите за слободна трговија помеѓу Србија и Русија

од desk2

Европската комисија внимателно ги следи преговорите за договорот за слободна трговија меѓу Србија и Русија предводени од Евроазиската економска унија (ЕАЕУ) и очекува Белград да се усогласи со надворешната политика на ЕУ, изјави денеска за „Еурактив“ портпаролката на ЕУ, Маја Коцијанчич.

„Се очекува Србија постепено да се усогласи со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“, рече Коцијанчич.

„Ние внимателно ја следиме ситуацијата и разговараме за овие прашања во нашите редовни политички и трговски разговори со српските власти“, додаде портпаролката на ЕУ.

Премиерот на Русија Дмитриј Медведев за време на посетата на Белград го објави потпишувањето на договорот за слободна трговија со Србија и ЕАЕУ на 25 октомври.

Договорот со ЕАЕУ, во кој членуваат Русија, Белорусија, Казахстан, Ерменија и Киргистан, ќе и ’даде на Србија пристап до пазар со 180 милиони потрошувачи.

Претставничката на ЕУ сподели пред „Еурактив Србија“ и „Брисел Евроактив“ дека Србија би можела да склучи договори со други земји или организации пред да стане членка на ЕУ.

„Во контекст на преговорите за пристапување, Србија вети дека ќе се повлече од сите билатерални договори за надворешна трговија на денот на пристапување во ЕУ. Повлекувањето на Србија од договори за слободна трговија со трети страни не е нов услов, туку општо правило што важи за сите земји-кандидатки што сакаат да влезат во ЕУ“, рече Коцијанчич.

Таа додаде дека ЕУ е најважниот трговски партнер на Србија затоа што меѓусебната трговија учествува со 63% од вкупната трговија на Србија, со многу добра динамика на раст.

„Трговијата со Русија е помалку од 10 проценти од вкупната надворешно-трговска размена на Србија. Покрај тоа, европските инвестиции во Србија се повеќе од 10 пати поголеми од руските“, рече портпаролката на Европската комисија.

Слични содржини