По објавувањето на стратешкиот план за развивање на патната инфраструктура, реагираат од движењето „Екогерила“, од каде обвинуваат дека Тетово било запоставено.
Велат дека поради недостигот од обиколница возилата минуваат преку градските улици на Тетово со што се зголемува загадењето.
„За да се оди во правецот Тетово – Јажинце, каде дневниот сообраќај е околу 8.000 возила дневно, возилата кои доаѓаат од правецот на Скопје и Гостивар трeба да поминат преку градските улици на Тетово. Со ова се зголемува загадувањето и се оптоварува сообраќајот што е во хаотична состојба. Владата ни во планот за 2019 година ни во стратешкиот план 2019-2030 нема предвидено план за изградба на обиколницата за да ги поврзува овие патни правци“, велат од „Екогерила“ преку соопштение.
Бараат од Владата итно да го ревидира планот и да ја изгради обиколницата која сметаат дека ќе има сериозно влијание врз намалувањето на загадувањето и сообраќајот.