ЕКСКЛУЗИВНО: Ашер Садики, член на Комитетот за одобрување на инвестиции при ФИТР, за Локално: Стартап светот е маратон, не е спринт!

од Vladimir Zorba

Како мудро да одговорите на предизвиците кои ви претстојат, да не потклекнувате на неуспехот и да не се водите според успехот на останатите стартапи се клучни фактори кои вклијаат на развој на еден успешен стартап. Ексклузивни детали како да креирате успешен бизнис план ќе ви открие г-дин Ашер Садики, од неодамна член на Комитетот за одобрување на инвестиции при Фондот за иновации и технолошки развој, кој е задолжен за процесот на оценување и селекција на предлог проектите. Ашер Садики поседува над 20 години искуство во корпоративен развој, дел од „500 Startups“ во САД но и дел од менаџерскиот тим кој ја водеше трансформацијата на „Етисалат“ во ОАЕ. Етисалат претставува светска водечка телекомуникациска група во земјите во развој, нудејќи услуги и решенија на повеќе од 141 милиони корисници во 15 земји од Блискиот исток, Азија и Африка.

Кога оценувате деловен план, кој е најкритичниот елемент што го барате?

-Многу очигледно е дека ние бараме атрактивни бизниси со солидни деловни планови за големи и/или растечки пазари. Но, со оглед на тоа дека стартапите се во многу рана фаза од своите деловни активности, при проценка на деловните планови разгледуваме неколку фактори за да процениме колку е веродостоен планот, како што се: основните претпоставки и колку тие можат да се одбранат; каков процес тимот следеше за да дојде до тие претпоставки; дали користеле веродостојни извори на информации за да ги поддржат овие претпоставки; дали извршниот директор ги знае сите претпоставки во бизнис планот; дали тимот има можност да го изврши овој деловен план итн.

Кој би бил вашиот совет до стартапите од нашата земја? На што најмногу треба да работиме?

-Ги охрабрувам сите претприемачи кои сакаат да започнат свој бизнис во Република Северна Македонија, да не се двоумат, бидејќи вашата земја има многу голем потенцијал. Иако сте мала земја со мал пазар, ова не го гледајте како недостаток, туку како можност да се создаде креативен “mindset” помеѓу претприемачите уште на самиот почеток да размислуваат регионално / глобално во градење на големи, регионални / глобални бизниси.

Сте виделе илјадници стартапи, дали веќе имате некои дефинитивни критериуми што ви овозможуваат да знаете веднаш дека тие луѓе ќе успеат?

-За жал, сеуште учам и не постои волшебна формула што ми дозволува, барем да проценам дали тимот има тоа што е потребно да го направи успешен, бидејќи има толку многу непознати фактори – особено за стартапите во раната фаза. Она што го барам се знаци дека тимот потенцијално има можност да извршува и решава проблеми и тоа да го стори навистина добро. Кога работам со стартапи, обично се фокусирам и се обидувам да добијам чувство за тоа колку овој тим е кредибилен со набљудување на неколку фактори: која е нивната приказна / позадина? што е тоа што ги доведе до овој момент? кои се нивните мотивации? зошто токму ова го прават? како размислува тимот? колку се посветени на бизнисот? колку добро ја познаваат можноста која се нуди на пазарот? дали имаат можност за извршување на деловниот план? дали соработуваат, дали слушаат и размислуваат од различни аспекти?

Според Вас, што треба да направи една компанија за се истакне и да биде забележана од потенцијален инвеститор?

-Ова навистина зависи од самиот инвеститор. Мојата препорака до претприемачите кои се обидуваат да бидат забележани од инвеститорите е да бидат подготвени и напорно да работат на својот бизнис план – направете истражување за да откриете кој тип инвеститори обично се интересираат за вашиот тип на деловна активност и откако ќе имате дефинитивна листа, разговарајте со компании во кои тие инвестирале за да добијат подобро чувство и информација за тоа каков е инвеститорот и што точно бараат. Тие ќе ви дадат првична информација која ќе ви помогне добро да се поставите и да започнете преговори.

Зборуваме многу за неуспех во светот на стартапите, но дали некогаш сте сретнале луѓе кои повеќе се плашат од успех, на пример од одговорноста што доаѓа со успехот? Кој би бил вашиот совет до нив?

-Многу интересно прашање. Човекот има потенцијал да научи многу повеќе од неуспехот отколку од успехот. Остварувањето на неуспех или соочување со значителни предизвици ќе ги истакнам како клучни за остварување на континуиран успех во животот и кариерата. Нека не ве обесхрабрува неуспехот, тој ве зајакнува и ве учи на важни животни лекции. Секако, постојат и такви “среќни” претприемачи кои не доживеале значителни предизвици и нив особено ги советувам да се обидат подобро да разберат и препознаат што ги поттикна нивниот успех, за да можат да учат од тоа искуство и да го стават својот успех во преден план. Во однос на одговорноста што доаѓа од успехот, ќе потенцирам дека особено е важно да се возврати на заедницата и понатаму да се развива екосистемот – ова води до поголеми можности за сите.

Кои се најчестите грешки што ги прават стартапите?

– Ги има премногу! Стартапите секојдневно се соочуваат со предизвици и прават многу грешки, но како најчести ќе ги набројам: неразбирање кој е всушност вашиот клиент и неговите потреби; да не обезбедите исклучително искуство за вашиот клиент за кое тие се подготвени да платат. Ако се фокусирате на решавање на реални проблеми за кои луѓето се подготвени да платат, тогаш сте создале нешто од вредноста, останатато е само историја.

Кои се главните животни лекции што ги научивте од стартап светот?

-Тоа е маратон, не е спринт. Самиот почеток воопшто не е лесен за ниту еден стартап, едноставно треба да се направат големи чекори за да се остварат големи нешта – оние претприемачи кои ќе ви кажат дека е лесно, или имаат среќа или имаат нефер предности (како што се семејно богатство, мрежен пристап и сл.). Предлагам да не се водите од успехот на другите, туку да се обидете да разберете што нив ги доведува до тој успех и да се обидете да научите од тоа и  да ги применете тие учења за себе. Секој има дефиниција за успех – откријте која е вашата.

Кој би бил вашиот совет до луѓето кои штотуку започнаа со својот стартап?

-Фокусирајте се на градење на одржлив бизнис со производи кои ги решаваат проблемите на клиентите и кои обезбедуваат извонредно корисничко искуство. Немојте да се фокусирате премногу на изнаоѓање на извори на финансирање, фокусирајте се на градење вистинска бизнис приказна. Внимателно размислете дали ви треба надворешно финансирање и доколку ви треба, проверете дали ги регрутирате вашите инвеститори кои се во согласност со вашата визија и можат да додадат вредност а не само да обезбедат капитал. Бидете внимателни кога вработувате клучни членови во тимот, не брзајте со вработувањето, но побрзајте со отпуштањето.

Редакција Локално

Слични содржини