Експерти: Пандемијата ќе има големо негативно влијание врз плодноста во Европа

од Stefanija Kuzmanovska

„Време е да станете мајка“, стои во пораката што стотици Португалки ја добија на своите мобилни телефони минатиот месец.

Пораката испратена од приватна болница во Лисабон за привлекување женски клиенти предизвика бран критики на социјалните мрежи, а некои жени велат дека сега е најлошото време за мајчинството со оглед на тоа што сме среде пандемија и рецесија.

Доказите сугерираат дека коронавирусот ги обесхрабрува потенцијалните родители да забременат во поголемиот дел од Европа, а особено во јужните држави, од Италија до Грција, каде и онака стапката на наталитет веќе драстично опаѓа.

„Пандемијата ќе има големо негативно влијание“

Во 2000 година, 120.000 деца се родени во Португалија. Минатата година се родени 86.600, што е за 39 проценти помалку. Падот е најсилен по длабоките рецесии како што е моменталната предизвикана од пандемијата на ковид-19.

Покрај емотивните предизвици што ги носи ова за паровите кои сакаат деца, долгорочно ќе има и економски предизвици за земјите на кои може да им требаат години за да излезат од кризата.

Помалку новороденчиња значи помалку нови работници и повеќе постари. Ова на крајот ќе има негативно влијание врз БДП и ќе ги оптоварува јавните пензиски шеми и социјалната држава, продлабочувајќи го јазот помеѓу богатиот север и сиромашниот југ на Европа.

„Гледате приказни во медиумите и на други места за луѓе кои настојуваат да го искористат карантинот за правење деца, но тоа не е рационално однесување“, рече Ванеса Чуња, експерт за плодност, род и семејни работи на Институтот за социјални науки на Универзитетот во Лисабон.

„Пандемијата ќе има големо негативно влијание“.

Ирене Понтарели, 35-годишна психотерапевтка, планирала да го роди своето прво дете оваа година по седум години брак.

По две години работа во северниот италијански град Ферари, оддалечен 550 километри од нејзиниот сопруг Тони, конечно најде работа во родниот град Изернија, на југот на земјата, и се чинеше дека пристигнал совршениот момент за да основа семејство.

Тогаш се случи пандемијата. Тони воопшто не можеше да го види од март до јули поради затворањето, а сега вели дека е под преголем стрес за да роди бебе.

„Нашите болници се близу до колапс, особено на југ. Се гледам себеси во одделот за акушерство, сама, во здравствен систем кој не функционира правилно. Не изгледа како вистинско време да се донесе бебе на светот”, рече таа.

Последици од рецесијата

Италија и Шпанија продолжуваат да ги чувствуваат ефектите од двојната рецесија предизвикана од финансиската и должничка криза 2008-2012 година.

Како и во Португалија и Грција, најтешко погодени од рецесијата беа младите. Илјадници емигрирале во странство, а оние кои не се, се борат со ниски плати, висока невработеност и недостаток на грижа за децата.

„Италија демографски умира“, предупреди Алесандро Росина, професор по демографија на Католичкиот универзитет.

„Ситуацијата веќе беше очајна и сега пандемијата се заканува да избрише и најмала трошка надеж за спас“, рече тој.

Бројот на новороденчиња во Италија постојано се намалува од повеќе од 800.000 годишно пред половина век на 420.000 минатата година, најмалку од обединувањето на земјата во 1861 година.

Џан Карло Блангиардо, директор на националната агенција за статистика ИСТАТ, минатата недела пред парламентот рече дека коронавирусот и придружните економски тешкотии ќе го забрзаат тој тренд, предвидувајќи 408,000 новроденчиња оваа година и само 393.000 во 2021 година.

Тој рече дека бројот на раѓања оваа година може да падне под 400.000 поради „значителниот пад во декември“, девет месеци по воведувањето на карантинот во март.

Во Шпанија, која има втора најниска стапка на плодност во Европа по Малта, бројот на породувања брзо падна дури и пред коронавирусот. Од 2014 до 2019 година, стапката на плодност падна за 16 проценти.

„Можеме да се обложиме со извесна сигурност дека следната година ќе има помалку раѓања, можеби и посилен пад отколку без ковид-19, а трендот веројатно ќе остане и во годините што доаѓаат“, рече Алехандро Макарон, демограф на Универзитетот ЦЕУ во Мадрид.

Слични содржини