Експерти: Уште долги години ќе држиме дистанца и ќе носиме маски

од Vladimir Zorba

Додека медиумите пренесуваат за зголемување на бројот на регистрирани заразени, а низ цела Европа се воведуваат нови блокади, оптимистичките најави дека првата вакцина наскоро може да се појави на пазарот звучат како единствена надеж за многумина. Вкупно единаесет вакцини ширум светот се во последната клиничка фаза од испитувањето, во кое на десетици илјади луѓе им се дава вакцина или плацебо, пишува „Дојче веле“.

Научниците и фармацевтските компании сега со нетрпение чекаат доволен број од овие луѓе да се заразат со вирусот во нивниот секојдневен живот. Ако се покаже дека сите или скоро сите заразени се оние на кои им е дадено плацебо, тоа би значело дека се заштитени оние на кои им е дадена вакцината. И тогаш ќе добие дозвола.

Германскиот министер за здравство, Јенс Шпан, сепак е претпазлив. Тој рече дека na вакцината може да се смета на почетокот на следната година, веројатно до март, но можеби и подоцна.

Во германската биотехничка компанија BioNTech од Мајнц, гледаат голема шанса да бидат први. Во најдобар случај, тие се надеваат дека ќе добијат дозвола за производство на вакцината веќе во средината на ноември.

Логистиката веќе се подготвува

Во соработка со гигантите од фармацевтската индустрија и со дарежлива финансиска помош од држави, неколку компании ширум светот веќе планираат масовно производство или купуваат стотици милиони стаклени контејнери во кои може да се чуваат дози на вакцината.

Владата на САД спроведува скоро воена операција – и навистина е предводена од војската – наречена „Operation Warp Speed“ во која осум фирми добиваат десет милијарди евра. Целта е до јануари да бидат подготвени 300 милиони дози вакцина за граѓаните на САД.

Како и Соединетите држави, Европската унија не сака да ги вложи сите свои пари во само една опција – затоа што не е познато која од вакцините ќе пропадне во последната фаза на тестирање или која ќе се покаже како најефикасна за неколку месеци. Затоа ЕУ веќе обезбеди 800 милиони дози на вакцини од шест различни производители.

Според населението, Германија треба да добие 150 милиони дози од таа нарачка на ЕУ. Но, Берлин преговара и директно со BioNTech за дополнителни дози на вакцината. Германија планира да формира најмалку шеесет центри за вакцинација, веројатно на пространи саеми, за да можат што повеќе луѓе да се вакцинираат брзо и без гужви.

Не може секој одеднаш

Значи, наскоро едно прободување во раката и короната ќе биде само уште едно матно сеќавање? Експертите предупредуваат дека ваквите илузии не треба да се негуваат.

„Ќе мора да живееме со вирусот во следните години: држете дистанца, често мијте ги рацете, носете маски“, вели Френк Улрих Монтгомери, претседател на Светската медицинска асоцијација (CPME).

Тој додава дека може да бидат потребни неколку години додека целото население се вакцинира. „Нема доволно вакцини или доволно медицински персонал за да ги вакцинира сите одеднаш“, вели Монтгомери.

Според препораките на ЕУ, кои треба да ги усвојат земјите-членки, сè додека нема доволно вакцина за секого, приоритет треба да се даде на медицинскиот персонал, оние над шеесет години и хронично болните. Германскиот министер Шпан деновиве повтори дека вакцинацијата во Германија ќе биде исклучиво доброволна.

Дејвид Солзбери, еден од водечките експерти за имунизација во Велика Британија, кој ја советува тамошната влада, опиша како тоа изгледа за Гардијан: „ако претпоставиме дека 75 проценти од постарите граѓани ќе одат на доброволна вакцинација и дека вакцината ќе заштити 75 проценти од вакцинираните, само малку повеќе од половина од постарите лица кои се во ризичната група се заштитени“.

Вакцината може да стори некои работи, но не може сè

Научниците предупредуваат дека со невиден степен на развој на вакцини за корона – не се очекува чудесен успех. Реномираниот неделник „Шпигел“ ја посвети насловната тема на актуелниот број на ова, а новинарите разговараа со раководителите на водечките компании кои ја развиваат вакцината.

„Идеално, вакцината обезбедува две работи: спречува или ја ублажува болеста и, второ, спречува понатамошно пренесување од човек на човек“, вели сопственикот на BioNTech и главен истражувач – Угур Сахин. Но, досегашните студии сугерираат дека вакцинираните лица сè уште можат да ја шират инфекцијата, но да закрепнат побрзо, така што во просек се заразуваат помалку луѓе.

Кога ќе се повлече линијата, новинарите на „Шпигел“ заклучуваат дека вакцината нема да ја заврши пандемијата со еден удар. „Поверојатно е да се работи за умерено ефикасна вакцина на почетокот, која штити од тешкиот тек на болеста, па дури може и целосно да спречи појава на симптоми на Ковид-19. Но, тешко дека ќе го спречи самиот вирус“. Сè уште не е јасно, пишува неделникот од Хамбург, дали имунитетот ќе трае неколку месеци, една година или можеби подолго.

Кога ќе пристигне вакцината, заклучува „Шпигел“, веројатно ќе се соочиме со „хаотични месеци“ со многу отворени прашања. На пример, колку е ефикасна и безбедна вакцината, колку дози ќе обезбедиме, кој прво треба да се вакцинира? И како да се вакцинира целото население?

Слични содржини