EЛЕМ ќе го поништи тендерот на кој учествува фирмата на Анѓушев

од desk2

ЕЛЕМ ќе го поништи тендерот на кој учествува фирмата на вицепремиерот Кочо Анѓушев, дознава Алсат М.

Причина за ваквата одлука е што понудените суми за набавка на транспортни ленти, на денешното трето наддавање, го надминуваат буџетот од 4,2 милиони евра, што ЕЛЕМ го планираше за оваа јавна набавка. Конечната одлука за ваквиот исход на тендерот, за кој се крена многу прав во јавноста, треба да ја донесе тендерската комисија во текот на наредната недела, но како што дознаваме, тоа најверојатно ќе биде само формалност.

„Фероинвест“ го исполни ветувањето и не се откажа од тендерот во државната компанија и покрај реакциите во јавноста дека станува збор за судир на интереси. Фирмата во која еден од сопствениците е вицепремиерот Кочо Анѓушев, на денешната аукција понуди најниска цена за две од вкупно петте ставки во јавниот повик. На останатите ставки најконкурентни цени понудија компании од Полска и од Србија.

Вицепремиерот Анѓушев остана на ставот дека нема ништо спорно во случајот, но премиерот Зоран Заев вчера даде симптоматична изјава со која ги повика медиумите будно да го следат процесот.

“Постојат закони во РМ од кои сум убеден дека нема да се скрши ниту еден, но тоа не е доволно. Етичкиот однос е исто така важна работа. Утре знам се случува јавна лицитација на тендерот во ЕЛЕМ. Следете го внимателно тоа што ќе се случувa, будно оти не е важен само законскиот дел, етичкиот дел е важен.“ – изјави Зоран Заев, премиер

Од ЕЛЕМ за сега нема официјален став, со оглед на тоа што електронската аукција траеше до 15:30 часот. Најавија дека во текот на денот ќе ја информираат јавноста за деталите од тендерот./Алсат М

Слични содржини