Елерман: Заштитата на податоци го прави киберпросторот побезбеден за сите

од Vladimir Zorba

Јан Елерман, специјалист за заштита на лични податоци во Европол, во интервју за МИА истакнува дека живееме во навистина интересно време, кое го обликуваат технолошки дострели што понекогаш нè оставаат без здив. Вештачката интелигенција, како што вели, е веројатно новиот клучен збор, не само во организациите за заштита на податоците туку и во поширокото општество.

Подемот на вештачката интелигенција бара нов дијалог и свесност за компјутерската безбедност, како и за предизвиците во поглед на заштитата на податоци. За да се соочиме со овие предизвици, мора да оствариме соработка меѓу различните сектори и општествени фактори.

Полицијата, особено, мора да биде подготвена да ѝ се спротивстави на криминалната злоупотреба на ваквите технологии, што на крај ќе придонесе киберпросторот да биде побезбеден за сите, посочува Елерман.

Господин Елерман, кои се европските препораки за заштита на личните податоци според Директивата на Европол и Општата регулатива за заштита на лични податоци?

Според мене, добрата усогласеност со законските рамки за заштита на податоците се темели на постоењето солидна култура за заштита на податоци. Европол се залага да ги зајакне и слободата и безбедноста. Сепак, ваквата позитивна определба не паѓа од небо. Таа е резултат на задолжително вложување во усогласување со законите за заштита на податоците. Кога напорите да се научи ова се составен дел од културата и стратегијата на вашата организација, имате огромна моќ. Ги придобивате вработените и им овозможувате да разберат како се постигнуваат успеси. Некои можеби ќе си помислат оти далекосежните прописи за заштита на податоците, со сите нивни ограничувања, го попречуваат ефикасното работење. Веројатно многу директори на приватни деловни претпријатија го мислат истото во врска со Општата регулатива за заштита на лични податоци, исто како што многу полициски службеници гледаат на полициската директива. Предуслов за надминување на ваквите предрасуди е висококвалитетна обука за постапките за заштита на податоци да се спроведат природно и плански. Клучна улога во овој потфат има принципот на одговорност.

Кои се најчестите прекршоци на овие прописи во европските земји? Од кои причини се прекршуваат?

Медиумите во последно време се преполни со вести за ужасни нарушувања на сигурноста. Сепак, примената на Општата регулатива за заштита на лични податоци во деловниот свет е сосредоточена на казни што се движат до четири проценти од светските приходи или 20 милиони евра, во зависност кој износ е повисок, кои се изрекуваат за непочитување. Казните се значителни, а тоа е намерно бидејќи општата регулатива е осмислена да биде „ефикасна, пропорционална и разубедувачка“. Вака гледано, јасно е дека заштитата на податоци е тема на високо ниво. Сепак, ако се сосредоточиме само на ова негативно „сценарио што ни се заканува“ нема да ја цениме зголемената одговорност што е позитивна придобивка од прифаќањето на реформскиот пакет за заштита на податоци. Општата регулатива како и други неодамнешни инструменти за заштита на податоците, вклучително и Директивата за заштита на податоците во полицискиот и правниот сектор, ги охрабруваат компаниите и јавните институции да преземат одговорност за воведување сопствен пристап втемелен на проценка на ризикот, приспособен на конкретни околности. Во деловниот свет, ова може да биде предност и предуслов за развивање иновативни работни процеси. Во време на големи податоци, неопходна ни е најнапредна технологија – не само за приватните претпријатија, туку и за полицијата.

Што Ви е познато во врска со ситуацијата во оваа област во Северна Македонија и кои се Вашите препораки? Кој е Вашиот личен став кон заштитата на личните податоци во земјава и поширокиот регион?

Можам да зборувам само како некој што однадвор ги гледа настаните во Северна Македонија, а не сум ни на позиција да издавам препораки. Сепак, присуствував на 15. роденден на Метаморфозис и можам да кажам дека бев навистина импресиониран од напорите што се прават за да се поттикне и добие одговорност и транспарентност од владите во Југоисточна Европа. Многу е важно да се стремите кон поголема вклученост на граѓанското општество и медиумите во процесите на донесување одлуки и создавање на јавното мислење и политики, како и да имате амбиции да ги зголемите капацитетите на граѓанските општества во однос на решавањето деликатни прашања. Усогласеноста со европските принципи за заштита на податоци, конечно, на многу начини ги поткрепува овие легитимни цели.

Како да си ги заштитиме личните податоци со оглед на тоа што технологијата постојано се менува?

Живееме во навистина интересно време, кое го обликуваат технолошки дострели што понекогаш нè оставаат без здив. Вештачката интелигенција е веројатно новиот клучен збор, не само во организациите за заштита на податоците туку и во поширокото општество. Подемот на вештачката интелигенција бара нов дијалог и свесност за компјутерската безбедност, како и за предизвиците во поглед на заштитата на податоци. За да се соочиме со овие предизвици, мора да оствариме соработка меѓу различните сектори и општествени фактори. Полицијата, особено, мора да биде подготвена да ѝ се спротивстави на криминалната злоупотреба на ваквите технологии, што на крај ќе придонесе киберпросторот да биде побезбеден за сите.

Слични содржини