Ем Мициња, ем мангупчиња

од Vladimir Zorba

Во алузија на антологиската психолошко-политичка квалификација и поставена дијагноза на Бранко Црвенковски односно неговата прочуена изјава која се однесувала на ставовите и однесувањето на тогашните припадници на раководството на политичата партија вмро дпмне – „ем вмровчиња ем мангупчиња“, се чини дека денес таа може да се парафразира како „ем мициња ем мангупчиња“ и претставува најпрецизна можна дескрипција на многумина од актуелните припадници на раководството на вмро дпмне, таканареченото дпмне мицковистичко и нивни послушни следбеници. Оваа длабоко колективно-психолошка бихејвиористичка квалификација втемелена на опсервација и анализа на ставовите и однесувањето на таа група луѓе плаузибилно може да се третира и како сеопфатна аналитичка конклузија по индуктивно-дедуктивна реконструкција на изминатите 5 години, фактички поткрепен силогистички заклучок врз основа на премиси идентични со фактите, како и со бројни емпириско верификувани дејства на споменатата група која хеуристички може да се означи како „ем мициња ем мангупчиња“. Секако, без никаква намера која би можела да се интерпретира како некаква навреда и слично, очигледно интересно и иронично е што може во некаков шегобиен контекст да се најдат сличности со означеното во англискиот збор како опис на нивната практична „суштина“ посебно во политичкото делување, односно совпаѓање во семиотичката, деридијанска дисеминација и интенции на зборот маус.

Во поновата историја на македонската политика ретко кој синтетички заклучок има таква научна вредност како споменатиот, екстраполиран и како реконструкција и рефлексија на објективната реалност; денес несомнено токму оваа парафраза е императивна дискурзивна формација која дури и до подробности, бравурозно како сликите на Хиеронимус Бош, филигрански ги отсликува суштинските и најважни факти поврзани со таа група луѓе наречени – ем мициња, ем мангупчиња. Се разбира, одамна, практично уште после првите неколку јавни настапи на нивниот, денес веќе не толку нов „лидер“ кој е коренот на зборот мициња односно на неговите следбеници, и според кого и легитимно семантички како и борхесовски произлегува таа метафора – мициња – се доби реален политички легитимитет и затоа стана составен дел од вокабуларот на политичкиот јазик. Значи, уште таму некаде во веќе далечната 2017 година, кога којзнае зошто и како, беше поставен овој што е водач на својата група луѓе – мициња – се формираше семиолошката подлога на тој збор, термин (не и поим, бидејќи за мисловно означување сепак треба да има објект односно суштина, што во конкретниот случај не може да се утврди).

Со методот на генерализација, таа група на луѓе која може да се нарече мициња (според својот лидер, нели) е онаа која мангупски политички ги лаже луѓето што живеат во овие несреќни времиња на овие простори, истовремено мултиплицирајќи ја таа беда на политичката реалност со самото свое дискурзивно формирање и делување како група, и според најпознатите критериуми за валоризација на Густав ле Бон може да се определи и како толпа т.е. луѓе кои персонално се идентификуваат себеси како следбеници и идеолошки припадници на вмро дпмне но истовремено се и партиски, го цитирам нивниот потпретседател – „од центар кон лево па десно“(!), и згора притоа преку брутално лажење во гебелсовски стил интензивирано преку моќната и платена медиумска машинерија јавниот дискурс веќе 5 години го оптоваруваат со квази наративот дека се ВМРО. Тоа би била најконцизната дефиниција или работна теза која може дополнително да се развива преку анализа според поединечни научни концепти (на пример во Фројдовска психоанализа или Лакановско децентрирање на субјектот), за тоа што оначува терминот мициња, и негова легитимна употреба во политичка анализа која најсуштинси ги рефлектира ставовите и однесувањето на тие таму во и околу таканаречената „бела палата“.

Со овој пристап и усвоени позиции на мислење, не е воопшто тешко да се идентификуваат повеќе емпириски докази кои сосема ја оправдуваат и истакнуваат вредноста на таквата употреба на овој термин и парафразата „ем мициња ем мангупчиња“. Дијапазонот е несомнено максимално широк во бихејвиористичката детекција на квази нарациите кои најчесто се екстраполираат во свирепо и припросто лажење на јавноста – онаа јавност која заради редица причини сеуште е недоволно самосвесна да ги препознае како такви, обични ефтини лаги. Теоретски, во мошне диверзификуваното македонско општество во смисла на постоење на групи и групна политичка психологија, кристално јасно е дека за овие 5 години се издвојува таа група наречена ем мициња ем мангупчиња како посебен ентитет, и со научна методологија мора перманентно да се демистификува овој чуден и мошне штетен феномен. Истовремено, тие ставови и постапки кои условно можат да се означат и како уличарско мангупски претставуваат и нивна секојдневна изборна агитација за власт односно збир на политички лаги со кои првенствено ако не и исклучиво припростите луѓе во политичка смисла, сепак успеваат да ги манипулираат, лажат и со самото тоа го одржуваат својот каков-таков партиски рејтинг и парите кои со тоа следуваат.

Првата и најпозната голема лага која преку нивните медиумски дувла кои во нормална демократска држава одамна ќе беа легално затворени а упорно ја дифузираат релативно успешно, посебно кај неуките луѓе, е обидот сеуште, после се, да го одржат веќе одамна демитологизираниот мит дека се патриоти поврзано со онаа толку парадоксална и бесмислена квази-нарација за враќање на името Република Македонија (демек, никогаш северна само Македонија). Бројни нивни економски експозитури во јавноста, една шаренолика дружина на „аналитичари“ од кои поголем број биле или се партиски функционери како на пример претседатели на партиски правно-статутарни или такви некои нивни комисии, поранешни амбасадори и слично, а кои пак мицињата ем мангупчиња намерно ги претставуваат кај обичните, неинформирани луѓе како некаков вид на гласноговорници-претставници на таа партија, што е впрочем неточно бидејќи официјалните ставови на партијата се токму спротивни од нивните, лажат дека ако тие дојдат на власт ќе го вратат името. Во последно време, дури спомнуваат и дека демек, замислете, ќе го укинеле охридскиот рамковен договор, и такви некои слични будалаштини.

Просто е неверојатно да се замисли колку мора да си неинформиран и политички неписмен да поверуваш дека преку некакви комични иницијативи (на интелектуално ниво и аргументација во најдобар случај за првоодделенци) до Уставен суд, или дипломатски ноти до ООН, ќе се врати името Република Македонија. Овие „методи“ кои ги спомнуваат се толку нереални што е апсурдно воопшто сериозно и да се третирааат. Бидејќи и лично подолг период се занимавав со анализа на оридскиот рамковен договор и имам барем десетина колумни на таа тема во поранешниот дневен весник „дневник“ а и одржано неколку предавања во земјава и странство за аспектите на ОРД, просто ми е несфатливо како можат да глумат тие кои повеќе или помалку припаѓаат на групата мициња ем мангупчиња или можеби и навистина не знаат, дека рамковниот договор е Устав, а Уставот се менува исклучиво со двотретинско мнозинство гласови плус бадинтерово мнозинство во Собрание. И толку. Ако некој мисли да го смени, поништи, делегализира тој договор, ќе мора да најде двотретинско мнозинство плус бадинтер – а тоа е практично невозможно и токму затоа се друго е само обична лага за неинформирани луѓе, и ништо повеќе, бидејќи е единствениот, повторувам единствениот начин за поништување на рамковниот договор – Уставот. Дополнително, со најновите промени на Уставот тој е споменат во конститутивниот аспект заедно со АСНОМ итн., што значи дека е поставен на највисоко можно ниво како темел на државноста, со тоа уште повеќе зацврстен во своето холистичко значење.

Исто е и со името на државата – името е Устав. За името односно новиот Устав гласаа легално и демократски во Собранието избрани пратеници со двотретинско мнозинство плус бадинтерово мнозинство (гледавме дека никој со сила не ги тераше да гласаат). Оттаму, ни се допаѓало или не, името може да се врати само и само на тој начин, таму каде што е сменето, во Собрание, па со среќа нека му е на оној што со цел памет мисли дека ќе најде двотретинско мнозинство плус бадинтерово мнозинство. Меѓутоа, токму тие лаги го одржуваат рејтингот на мицињата мангупчиња, односно преку такви ликови кои, веројатно платени, го лажат понеупатениот дел од граѓаните, и со тоа ги индоктринираат да гласаат за мицињата. Таа ждановистичка пропаганда, пред се, е наменета токму за таа целна гласачка група – обопштено кажано, за припростите, помалку образованите, неинформираните, но останува фактот дека тие и таквите, сепак, се мнозинство од постоечкото гласачко тело. Пластично претставено, ем „вистинските војводи“ односно од формалното раководство на партијата велат дека името е завршена работа, нова реалност со која треба да живееме, дека никогаш не рекле дека ќе го вратат итн., ем истовремено мицињата мангупчиња врескаат гласајте за дпмне мицковистичко и ќе го вратиме името – па тоа е достојно за монти пајтон сценарио, режија и публика. Глупо, но функционира, за жал има многу припрости луѓе што ќе се излажат и гласаат за нив.

Друг уште побизарен пример и значително комичен обид на мицињата мангупчиња сеуште да се претставуваат односно го лажат народот дека тие се, верувале или не, некакви патриоти, е преку делувањето на некаков си патриотски институт (некои на шега го нарекуваат и јагнешки институт, според кутрото изедено македонско јагне во кафана во Мрзенци) инаку предводен од лик кој пред да биде поставен на таа функција од Мицкоски беше умерен критичар на истиот, а според достапните информации дебело платен од наши, буџетски пари за таа партиска функција. Всушност, самото формирање на таков институт е имплицитно признание дека партијата не е патриотска, нели, штом формира патриотски институт, освен ако целта не е да го засмее самосвесниот народ, интелигентните луѓе, преку дејствувањето на истиот, којзнае.

Главна преокупација на тој институт и некои гротескни фигури таму е организирање на забави и дружење на гробовите на славните македонски комити и војводи, кои така да се каже веројатно се превртуваат во гроб кога гледаат какви опскурни а богами и невоспитани и необразовани „комити“ надвиснуваат над нивните херојски дела и ги инструментализираат заради власт, како и правење на перформанси односно некакви си „протести“ за ослободување на осудените од трагедијата наречена 27 април. Ова „а ла викторија сикрет“ друштво, според сликата на нивниот „војвода“ кој носи на плажа а ла викторија сикрет ангелски крилја на рамената наместо пушка берданка или малихера ем кубура и кама, освен засмејување има и пропагандистичка функција да ги претстави мицињата мангупчиња како патриоти, отелотворување на комитите и војводите, реминисенција на легендарните комитски чети, олицетворение на славните херои од нашата историја, и зачудувачки, изгледа дека сеуште има луѓе кои веруваат во таа политичка лага и ефтина уличарска финта, мангупска.

Конкретно, и според промените на нивниот партиски статут, и според изјавите на нивното потесно раководство кое посредно учествува во ова улично мангупирање, како и според нивната најнова „доктрина“ наречена заеднички париотизам за која веќе пишував во една колумна, објективно нема ништо веќе таму во таа партија што макар и малку може да се определи како патриотизам во онаа традиционална, историска смисла, според универзалните параметри на автентичната ВМРО идеологија.

Уште повеќе, нивната коалиција со големоалбанската радикална партија на Зијадин Села, кои со најновото барање за дводомен парламент веќе и отворено заговараат федерација наместо унитарност на системот во државата, просто е кулминација на самоиронијата на пропаста на идеологијата на вмро во таа партија. Впрочем, еве нека го поканат нивниот коалициски партнер да протестира на најавените протести пред затворите за ослободување на луѓето осудени за 27 април, зошто да не, тоа би било баш практично манифестирање на доктрината заеднички патриотизам, ама не верувам дека тоа ќе се случи. Лично, многу би сакал да го доживеам тој надреалистички миг, квинтесенција, таа рембрантовска слика како Зијадин и оној т.н. претседател на патриотскиот институт на мицковото дпмне заедно, во комитиски руби, со знамето со кокарда на кое пише смрт или слобода за Македонија, а може и со кечиња со логото на дпмне, протестираат за ослободување на луѓето осудени за 27 април – какво колективно созерцание би било тоа, каква колективна заедничка патриотска аристотеловска катарза!

Сепак, иако е тешко, да бидеме сериозни и покрај великодушните напори на мицињата мангупчиња да не изнасмеат – јасно е дека како и во претходниот случај, просто е самоконтрадикторно да се глуми патриотизам покрај севкупното не-делување за овие 5 години на мицињата мангупчиња, кои некои ги нарекуваат и манчмалоу комити, според веќе славните слики од тим билдингот во Струга каде највисокото раководство на партијата, верувале или не, боцкале манчмалоу со шпагети, дали од брендот барила или жито полог, остана само тоа мистерија, до ден-денес не дознавме. Проблемот е што заради натрупаните колективни слоеви на македонската национална самосвест и историската логоцентрична димензија на ВМРО како симбол на македонската борба за своја суверена држава, дури и ваквите длабоко комични дејства и настани успеаваат да излажат некои неупатени луѓе, и нивната персуазитивна моќ не смее да се потценува. Уште повеќе што, за жал, од наш џеб ги плаќаме односно од државниот буџет овие мициња мангупчиња со дури, верувале или не, над милион евра годишно. Тие пари, и медиумската машинерија на лаги, заедно со воспоставениот лицемерен и валкан модус на политичко мислење и делување ориентирано главно кон освојување на власта, денес преставуваат најголема опасност по Македонскиот народ, граѓани, луѓе и држава, и несфатливо е зошто институциите на системот превентивно не делуваат против ова, така да се каже, метафорички, дувло на политичко зло; додека за тоа време Сдсм се однесува како да е НВО а не власт.

Се разбира, има уште многу примери како мицињата мангупчиња се обидуваат и за жал мошне често успеаваат да излажат припрост народ (да речеме, случајот со веројатно намерното конфузно однесување и ставови за пописот, кога прво собираа потписи против законот за попис а потоа рекоа можеби ќе повикаат на попис за на крај да ги признаат резултатите, откако голем број на луѓе поверуваа во нивната декларирана цел и уверување дека попис нема да има според постоечкиот закон туку според нов закон за попис, и со тоа останаа надвор од процесот, додека нивните потписи за новиот закон веројатно завршиле во славно Ташмаруништа, нели), но со оглед на тоа дека истото е веќе интериоризиран модус на пропагандно дејствување кое се рефлектира во речиси сите нивни акти и ставови, поважно е нешто друго, како ултимативен заклучок.

Имено, сите тие пропагандистички изблици на квази патриотизам се толку несериозни што почнуваат да ја обесмислуваат сериозната концепција која би била потрага по нов македонски патриотизам, бидејќи тие со своите карикатурални дејства просто ја исмејуваат самата идејата за патриотизам засилено со атакот кон политичката десница на нивните медиумски „загари“, а овозможен од големите пари кои ги поседуваат и контрола на меин-стрим медиумите. Штетата која ја прават мицињата мангупчиња врз автентичните македонски политички идеи на патриотизмот, вистинската политичка десница и воопшто политиката е многукратна, и незамислива и застрашувачка би била ситуацијата тие да дојдат на власт, скраја да е, тоа шаренолико и мошне бизарно дрштво на „а ла викторија сикрет патриоти“ сосе „а ла конрад аденауер“ ликови, плус Зијадин Села. Па, тоа политичкиот циркус би го претворило во политичка лудница! Затоа, памет во глава, Македонци. Пропаста преку изборни порази на мицковистичкото дпмне односно мицињата мангупчиња е прв и неопходен услов за македонската автентична вмро идеологија, за нова форма на патриотизам, национална идеологија, па дури и за самото постоење на оваа држава.

Д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини