ЕМА ја одобри третата доза на Фајзер за луѓе на возраст од 18 години и постари

од Nikola Popovski

Европската агенција за лекови (ЕМА) денеска го одобри давањето на третата доза на вакцината Фајзер/Бионтек за лица на возраст од 18 години и постари.

Агенцијата на Европската унија наведе дека давањето на третата, таканаречена „засилувачка“ доза, може да се разгледа најмалку шест месеци по втората доза, кај 18-годишници и постари лица.

ЕМА ја издаде препораката по проучувањето на податоците за вакцината Фајзер, која покажа зголемување на нивото на антитела по третата доза, дадена околу шест месеци по втората, кај луѓе помеѓу 18 и 55 години.

Агенцијата наведе дека донела таква одлука затоа што истражувањата покажале дека дополнителна доза на вакцината ја зголемува способноста на луѓето да произведуваат антитела против коронавирусот, кај пациенти со трансплантирани органи, чиј имунолошки систем е ослабен.

Препораките на Европската агенција за лекови треба да ги одобри Европската комисија, а потоа и здравствените власти во секоја од 27-те земји -членки на ЕУ, кои самостојно одлучуваат за стратегиите за вакцинација.

Некои земји-членки на ЕУ веќе почнаа да им даваат на граѓаните трета доза од вакцината.

Бројни студии покажаа дека вакцините Фајзер/Бионтек и Модерна силно ги штитат поединците неколку месеци по примањето на втората доза, и со тоа во голема мера го намалуваат ризикот од хоспитализација и смрт.

Слични содржини