Емери чека решение за иднината на Кошчелни

од Vladimir Zorba

Менаџерот на Арсенал, Унаи Емери ја чека одлуката на клубот за капитенот Лорен Кошчелни, кој одби да патува со тимот за претсезонската турнеја во САД за да издејствува трансфер во Франција. На 33-годишниот дефанзивец му остана една година од неговиот сегашен договор, а медиумите во Англија го поврзаа со преселба во Бордо и Олимпик Лион.

„Зборував со него трипати за да го убедам да се премисли, но реши да не патува со нас. За мене, сè е јасно – мораме да продолжиме “, изјави Шпанецот на прес-конференцијата по вчерашната победа од 3-0 над Колорадо Рапидс во првиот натпревар од предсезонската подготовка на „топџиите“.

Емери додаде дека Французинот, кој има над 350 натпревари за тимот, останува „важен играч“.

„Сега треба да се реши прашањето помеѓу клубот и играчот. Тие мора да го решат проблемот преку разговор. Ја чекам одлуката од овој разговор. Не можам да кажам повеќе“, заврши Шпанецот.

Ако Арсенал се согласи да го пушти Кошчелни, тој ќе остане не само без својот капитен, туку и без централен дефанзивец – пост кој е многу проблематичен за тимот. Клубот ги има Шкодран Мустафи, кој не сака да биде продаден, но е неубедлив, и Сократ Папастатопулос од поискусните играчи.

Во составот се и младиот Роб Холдинг, Константинос Мавропанос и Калум Чемберс.

Слични содржини