Енчилада со пилешко

од desk2

Прекрасен традиционален мексикански рецепт, многу сличен на македонската кујна. Пробајте!

Состојки
За полнење на енчиладите
700 гр пилешко бело месо
1 кромид, исечен на тенки ребра
1 поголема црвена пиперка, исечена на траки
1 лименка црвен грав
1 лименка пченка
За зачинска мешавина
1 лажица чили во прав
1/4 лажичка лук во прав
1/4 лажичка кромид во прав
1/4 лажичка дробена сува пиперка
1/4 лажичка оригано
1/4 лажичка црвен пипер
1 1/2 лажичка кумин во прав
1 лажичка бибер
2 лажички сол
За виткање на енчиладите
8 големи тортиљи
1 тегличка готова Мексиканска салса
200 гр крупно рендано жолто сирење
За сос Гуакамоле
1 поголемо, сосем меко авокадо
200 гр високомасна кисела павлака
1/2 мал кромид, сосема ситно исецкан
1 мал домат, излупен, извадено семето и сосема ситно исецкан
1 лимета, само сок
по вкус сол, зелен бибер
За свежа салса
2 големи, зрели излупени домати
1 голема црвена пиперка
1/2 мал кромид
1 мала киска магдонос
по вкус сол, бибер

Во една поголема длабока тава загрејте на силен оган неколку лажици масло, па додајте го месото исечено на траки да се пропржи и од сите страни да добие убава боја. Префрлете го во еден мал сад и држете го на топло. Во истата тава, загрејте 2-3 лажици масло на средно силен оган, додајте го кромидот исечен на ребра и пржете мешајќи да зажолти. Додајте ја пиперката исежена на траки, пропржете, па додајте ја содржината на исцедените лименки црвен грав и пченка.

Вратете го месото во тавата, додајте 1 – 2 лажици од зачинската мешавина, веќе според ваш вкус ( јас додавам 2 ), добро измешајте, дотерајте го вкусот и пржете некоја минута, додека месото не е готово, но да остани сочно.
Загрејте ја рерната на 200 Ц.
Сосем лесно намастете поголема керамичка тава за печење.
На секоја тортиља ставете на средината по овој редослед – малку рендано жолто сирење, месо со зеленчук, готова салса, па завиткајте ја тортиљата како палачинка и наредете ги една до друга во тавата за печење. Водете сметка да ви остани малку салса и рендано сирење за одозгора.
Со салсата премачкајте ги лесно тортиљите по површината, посипете со сирењето и ставете во рерна да се запечи, петнаесетина минути.

За Гуакамоле сосот извадете ја пулпата на авокадото и испасирајте ја. Додајте ги сите останати состојки, добро измешајте и дотерајте го вкусот. Ставете го во фрижидер до употреба. Не работете со авокадото со метален прибор, зошто ќе ви потемни и чувајте го сосот само во стаклен или пластичен сад од истите причини.
За свежата салса, во блендер сомелете ги сите состојки, посолете и побиберете по вкус.

Жешките енчилади послужете ги со ладен Гуакамоле сос, свежа салса, ситно сецкани црни маслинки и на тенки траки исечена зелена салата, секој да додаде по своја желба.

Слични содржини