„Енергетската сиромаштија“ ќе се стабилизира со финансиска помош за ранливите потрошувачи

од Vladimir Zorba

Терминот „енергетска сиромаштија“ изминативе години се почесто се употребува во нашата земја.Според најавите на министерството за економија во тек е подготвката на низата мерки со кои дирекно ќе им се помогне на граѓаните кои се засегнати со недостатокот на соодветно затоплување на домаќинствата односно помош при плаќањето на сметките за струја.

– Ние заедно со Министерството за труд и социјална политика, како и РКЕ, веќе подготвивме низа мерки во однос на проширување на бројот на граѓани, на домаќинства кои ќе можат да добијат надоместок од страна на државата и во вид на финансиска поддршка и дополнително и други мерки кои ќе имаат олеснување во делот на плаќање на такси или слично, рече пред извесно време министерот за економија Крешник Бектеши.

Од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) во разговор за „Локално“ велат дека уште минатата година по препорака на Енергетската заедница, а во соработка со Електродистрибуција доставиле до Министерството за економија предлог за проширување на категориите на ранливи потрошувачи.

-Станува збор за предлог листа во која се детектираат категории на граѓани со ниски примања кои имаат тешкотии во покривање на сметките за електрична и топлинска енергија. Преку овој модел се предлага државата да субвенционира дел од сметките за греење кај домаќинствата кои не се во целосна финансиска кондиција да ги подмират се со цел да се намали енергетската сиромаштија.РКЕ предложи опфатот на лица, кои во моментов се само примателите на социјална помош, да се зголеми со следниве категории:

-домаќинства во кои нема ниту еден вработен, кои не се корисници на постојана социјална парична помош и немаат друг извор на приходи;

-домаќинства кои имаат невработено лице, корисник на паричен надоместок во случај на невработеност од Агенцијата за вработување, кој се движи во висина на постојана социјална парична помош и истиот е единствен приход на домаќинството;

-домаќинства со повеќе од два члена во кои има еден пензионер што добива минимална пензија (прва група) и истата е единствен приход на домаќинството;

-домаќинства со повеќе од два члена во кои има само еден вработен со минимална плата, чиј износ се движи во висина на постојана социјална парична помош и нема други приходи во домаќинството;

-домаќинства кои имаат невработено лице од 1 април 2020 година, корисник на паричен надоместок во случај на невработеност од Агенцијата за вработување, кој се движи во висина на постојана социјална парична помош и во домаќинството има дополнителен приход во висина од минимална плата, заклучно со периодот на тарење на пандемијата, објаснуваат од РКЕ.

Оттаму додаваат дека тие предложи субвенциите што ќе ги добиваат ранливите потрошувачи државата директно да ги исплаќа кон снабдувачот, а снабдувачот да им ги испорачува намалени сметки кон дефинираните категории.

-На овој начин ќе се обезбеди парите да се користат соодветно за да се постигне целта – да се влијае во намалување на енергетската сиромаштија, објаснуваат од Регулаторна.

Тие уште еднаш повторуваат дека остануваат на ставот дека намалувањето на енергетската сиромаштија е можно само преку системски решенија како што е таргетирана помош на оние категории на потрошувачи на кои што им е најпотребна.

-Регулаторна комисија за енергетика го става целиот свој човечки капацитет и експертско искуство во надминување на суштинските предизвици во намалување на енергетската сиромаштија во процесот на енергетската транзиција, тврдат од РКЕ.

Од Министерството за труд и социјална политика за „Локално“ информираат дека ваквиот тип на реформа во областа на социјалната заштита, која што започнала во 2019 година со усвојување на група закони и подзаконски акти од социјалната сфера, има за цел да ја намали стапката на сиромаштија, особено за ранливите категории и нивна успешна реинтеграција во општеството.

35.281 лица ја користат оваа социјална заштита

-Имено, со Законот за социјалната заштита за лицата/домаќинствата во ризик поради материјална необезбедност предвидена е остварување на парично право на гарантирана минимална помош, како и 1.000 денари месечно во текот на шесте зимски месеци за покривање на трошоците за греење (за месеците од октомври до март).

Како одговор на пандемијата КОВИД-19, Владата на Република Северна Македонија во април 2020 година, донесе Уредба со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за социјална заштита за време на вонредна состојба, којашто овозможи олеснет пристап до правото на гарантирана минимална помош за лицата на кои им престанал работниот однос за време на пандемијата, од месец април до декември 2020 година, а воедно се овозможи паричниот додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството се обезбедува континуирано на месечна основа во текот на 2020 година.

Со оглед дека состојбата со пандемијата КОВИД-19 продолжи и во 2021 година, а со цел за обезбедување на полесен пристап до остварување на правото на гарантирана минимална помош во услови на вонредни околности, во 2020 беше донесен Закон за дополнување на Законот за социјалната заштита, а домаќинство кое користи гарантирана минимална помош, остварува паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството и за месеците од април до септември, објаснуваат од кабинетот на министерката Шахпаска.

Тие велат дека бројот на корисници/домаќинства на оваа социјална заштита изнесува 35. 281, додавајќи дека вакво право на помош имаат и стари лица кои немаат имот , не се земаат пензија, а нивниот број е над 9.000 корисници.

-Согласно Законот за социјална сигурност за старите лица, со право на парична помош во висина од 6000 денари, се стекнува лице кое има државјанство на Република Северна Македонија, има постојано место на живеење во Република Северна Македонија во последните 15 години пред поднесување на барањето и доколку лицето и неговиот брачен другар или лицето со кое живее во вонбрачна заедница нема/ат во сопственост имот и имотни права од кои може да се издржува, не е корисник на пензија од Република Северна Македонија или вид на исплата по основ на старост, инвалидност или доживување од друга држава и не остварило приходи по сите основи во последните три месеци пред поднесување на барањето. За овие корисници изност на правото се зголемува за 1.000 денари месечно во текот на шесте зимски месеци за покривање на трошоците за греење (за месеците од октомври до март). Оваа социјална помош ја користат 9.446 корисници, објаснуваат од МТСП.

Б.М.

Слични содржини