ЕП предупредува на „безбедносни импликации“ доколку не се исполни ветувањето за С. Македонија и Албанија

од Vladimir Zorba

Пратениците на ЕУ предупредија на „безбедносни импликации за Европа“ доколку не се отворат пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија. Тие ги повикаа сите 27 членки на блокот да отворат пристапни преговори со двете земји кандидати од Западен Балкан, „особено во геостратешки контекст на војната во Украина“.

Пратениците предупредија на „историски важни безбедносни импликации за стабилноста на Европа“ доколку не се исполни ветувањето.

Претходно, премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски телефонски разговараше со францускиот претседател Емануел Макрон, при што двајцата се согласија дека „европскиот блок треба да го исполни ветеното за членство на Западен Балкан“, се вели во соопштението од Кабинетот на македонскиот премиер.

Франција се спротивстави на отворањето на преговорите за Албанија и Северна Македонија во 2019 година, кога Макрон оцени дека овие две земји мора да направат поголем напредок.

Говорејќи во Стразбур на 9 мај, Денот на Европа, Макрон, коментирајќи го барањето на Украина за влез во ЕУ по забрзана процедура, рече дека може да поминат децении за да се случи такво нешто.

Од друга страна, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, претходно изјави дека во јуни ќе даде оценка за апликацијата на Украина за членство во ЕУ.

Сепак, Макрон е категоричен дека стандардите мора да се почитуваат и дека не треба да се забрза постапката за Украина или друга земја.

За возврат, тој предложи формирање на „европска политичка заедница“, која ќе ги обедини земјите кои не се членки на ЕУ, како што е Велика Британија, која го напушти европскиот блок.

Слични содржини