Епидемијата во Бразил стана глобална закана

од Vladimir Zorba

Брзото ширење на инфекцијата во Бразил стана глобална закана, бидејќи постои ризик од нови и поубиствени варијанти на коронавирусот, предупреди еден од главните научници во оваа јужноамериканска земја, откако е забележан најголемиот број смртни случаи за еден ден од почетокот на пандемијата.

Зборувајќи за „Гардијан“, водечкиот бразилски научник одговорен за следење на кризата, Мигел Николелис, ја повика меѓународната заедница да побара објаснување од бразилската влада за неуспехот да ја води борбата против епидемијата во која загинаа повеќе од четврт милион Бразилци, што е околу 10 проценти од вкупниот број на смртни случаи во светот за време на пандемијата.

– Светот мора гласно да зборува за ризикот што го носи Бразил за борба против пандемијата на глобално ниво. Која е целта на искоренување на пандемијата во Европа и САД, доколку Бразил продолжи да биде плодна почва за овој вирус, предупреди Николис. Според него, проблемот не е само во тоа што Бразил – чиј крајнодесничарски претседател Жаир Болсонаро често ги попречува напорите за борба против инфекцијата што тој ја нарекува „мал грип“ – е „најлошата земја во светот во смисла на управување со пандемија“.

– Проблемот е во тоа што, ако дозволите вирусот да се размножува со брзината што се случува овде, ја отворате вратата за појава на нови мутации и соеви што може да бидат уште посмртоносни, нагласи Николелис. Веќе е заклучено дека една особено загрижувачка варијанта, наречена П1, потекнува од Манаус, град кој претрпе распаѓање на здравствениот систем во јануари поради нагло зголемување на бројот на заразени лица. Шест случаи на оваа варијанта се откриени во Велика Британија.

– Бразил стана лабораторија на отворено што промовира размножување на вируси и нивна мутација. И со тоа целиот свет е во опасност, тој е глобален проблем, вели Николис.

Алармот се вклучи кога Бразил влезе во најсмртоносното поглавје во својата едногодишна кривина криза, бидејќи болниците во земјата или веќе пропаднаа или се пред распад, а просечниот број на смртни случаи на неделна основа урива нови рекорди – зголемување оваа недела од 16 проценти во однос на минатата.

Најголем број на смртни случаи, со 1.726 починати, се бележат на дневна основа овој вторник.

Според „Americas Quarterly“, најголемиот дел од вината за ваквото кошмарно сценарио е кај Болсонаро и неговиот најблизок круг советници.

Наместо засилување на мерките за спречување на ширењето на инфекцијата, тие постојано ја минимизираа заканата од пандемијата, ги игнорираа советите на здравствените експерти и ги поттикнаа теориите на заговор. Само во последните две недели, Болсонаро јавно предупреди на „опасните несакани ефекти“ од носењето маски, ги критикуваше гувернерите и градоначалниците кои сакаа да воведат нови ограничувачки мерки за борба против брзото зголемување на неодамнешните инфекции и продолжи да ги фали лековите чијашто ефикасност не е докажана.

Згора на тоа, тој рече претходно оваа недела: „Јас не сум направил ниту една грешка од март минатата година“.

Николелис тврди дека фактот дека Болсонаро не работел на зауздување на епидемијата, ниту започнал соодветна кампања за вакцинација, придонел за создавање на „домашна трагедија“ од која оваа најнаселена јужноамериканска земја најверојатно нема да може да излезе до крајот на 2022 година.

– Ние веќе го надминавме прагот на 250.000 мртви, и моите очекувања се дека, ако ништо не се стори, ќе изгубиме 500.000 луѓе овде во Бразил до март следната година. Тоа е застрашувачко и трагично предвидување, но тоа е совршено можно во овој момент, изјави тој за „Гардијан“. – Ако светот беше зачуден од она што се случи во Бергамо во Италија минатата година и во Манаус пред неколку недели, тој ќе биде уште пошокиран од она што ќе се случи во остатокот од Бразил, бидејќи ништо не е направено, додава Николис.

Слични содржини