Ердоган: Големите сили немаат право да бараат крај на конфликтот во Нагорно Карабах

од Vladimir Zorba

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека копретседавачите на групата Минск, Франција, Русија и САД немаат право да бараат прекин на непријателствата во Нагорно Карабах.

„Откако овие три земји го занемаруваа овој проблем три децении, сега е целосно неприфатливо за нив да учествуваат на кој било начин во потрагата по начин за прекин на огнот“, рече Ердоган, цитиран од „Ројтерс“.

Ердоган рече дека прекин на огнот може да се воспостави само кога „ерменските окупатори“ ќе се повлечат од Нагорно Карабах.

Неговата изјава може дополнително да ги наруши односите на Турција со сојузниците на НАТО и да ги зголеми стравувањата дека Русија, која има воена база во Ерменија, и Турција, која е сојузник на претежно муслиманскиот Азербејџан, можат да интервенираат во конфликтот.

Потсетуваме дека претседателите на Русија, Франција и САД повикаа денес на „итен прекин на борбените дејствија“ во Нагорно Карабах, објавено е на веб-страницата на Елисејската палата.

„Ги повикуваме лидерите на Ерменија и Азербејџан да се вклучат во продолжување на преговорите без одлагање, со добра волја и без предуслови, под покровителство на копретседавачите на групата Минск на ОБСЕ“, се вели во заедничкото соопштение.

Децениските судири меѓу Азербејџан и Ерменија околу Нагорно Карабах ескалираа во неделата, откако десетици луѓе беа убиени и повредени.

Со денови меѓународната заедница повикуваше на разговори за ставање крај на деценискиот конфликт меѓу двете поранешни советски републики.

Слични содржини