Ердоган му предложи на Зеленски меѓународна истрага за експлозијата кај браната Каховка

од Stefanija Kuzmanovska

Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган, имал телефонски разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски и во разговорот предложил формирање меѓународна комисија за истрага на експлозијата кај браната Каховка.

Во соопштението од Канцеларијата за комуникации на Претседателството на Турција, се наведува дека Ердоган и Зеленски разговарале за украинско-руската војна.

За време на разговорот претседателот Ердоган изјави дека може да се формира комисија во која ќе бидат вклучени експерти од завојуваните страни, Обединетите нации и меѓународната заедница, вклучително и Турција, за детална истрага за експлозијата на браната Каховка.

Изјавувајќи дека се подготвени да дадат се од себе на овој план, претседателот Ердоган рече и дека методот на преговори може да се следи како во врска со коридорот за транспорт на жито.

Ердоган истакна дека нема да биде можно да се спречат хуманитарните загуби што се случуваат секој ден додека продолжуваат конфликтите и затоа треба да доминира идејата за враќање на преговорите.

Ердоган изјави дека одлучно ќе продолжи со напорите за воспоставување праведен мир.

Слични содржини