Ердоган не отстапува од турските барања: „Шведска и Финска ќе влезат во НАТО кога ќе исполнат се што е договорено“

од Vladimir Zorba

Времето на процесот на турска ратификација на приемот на Финска и Шведска во НАТО зависи исклучиво од активностите на тие земји, изјави претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

– Темпото и динамиката на процесот на ратификација на меморандумот меѓу Турција, Шведска и Финска ќе бидат одредени од чекорите што ќе ги преземат овие земји – рече Ердоган, пренесе Анадолија.

Вчера Ердоган на оваа тема разговараше со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој беше во посета на Турција, пренесе Интерфакс.

Тие разговараа и за ситуацијата во Украина. Ердоган најави потреба од обновување на преговорите меѓу Русија и Украина со цел што поскоро да се стави крај на конфликтот.

Претседателот на Турција рече и дека земјата ќе се фокусира на продолжување на договорот за жито што истекува на 19 ноември и овозможува извоз на украинско жито преку Црното Море.

Столтенберг по средбата со турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу изјави дека Финска и Шведска ги исполниле условите на Анкара за влез во НАТО.

Сепак, Чавушоглу ситуацијата ја оцени поинаку.

– Не се спроведени сите компоненти на договорот – рече тој.

Истовремено, тој посочи дека властите на двете земји навистина презеле некои неопходни мерки, што Анкара ги поздравува.

Во моментов, Турција и Унгарија сè уште го немаат ратификувано приемот на Шведска и Финска во НАТО.

Анкара вели дека тоа ќе го стори кога двете скандинавски земји ќе исполнат голем број услови наведени во меморандумот договорен меѓу страните.

Конкретно, постојат клаузули дека Шведска и Финска треба да преземат акција против курдските групи, кои Анкара ги смета за терористички.

Анкара исто така инсистира на екстрадиција на одреден број курдски активисти.

Слични содржини