Ердоган: САД сакаат да го запрат развојот на турската одбранбена индустрија

од Nikola Popovski

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска оцени дека американските санкции, наметнати врз Турција поради набавката на рускиот систем за противвоздушна одбрана, имаат за цел да го запрат развојот на одбранбената индустрија на неговата земја.

Говорејќи на отворањето на автопат, Ердоган соопштил дека санкциите ќе ја зголемат решеноста на неговата влада да ја направи турската одбранбена индустрија посилна и понезависна.

Американските санкции, воведени во понеделникот, поради набавката на рускиот ракетен систем С-400 од страна на Турција, се темелат на американскиот „Закон за спротивставување на американските противници преку санкции“ (ЦААТСА), чија цел е да се потисне влијанието на Русија. Ова е првпат законот да се користи за казнување на американски сојузник.

Санкциите на САД против шефот на Дирекцијата на турската одбранбена индустрија, Исмаил Демир и тројца други официјални лица вклучуваат замрзнување на имотот и забрана за влез во САД, како и забрана за повеќе извозни дозволи, заеми и одобрувања на кредити на Дирекцијата.

„Вистинската цел на санкциите е да го блокираме напредокот што неодамна го постигнавме во одбранбената индустрија и повторно да нè направи строго зависни (од САД)“, рекол Ердоган, додавајќи дека „ако немало проблеми со С-400, тие би искористиле друг проблем“.

Слични содржини