Ердоган: Санкциите на САД се непријателски напад врз суверенитетот на Турција

од Vladimir Zorba

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во средата рече дека санкциите на САД против Турција за набавка на рускиот противракетен систем С-400 се „непријателски напад“ врз нејзините суверени права и одбранбената индустрија. Според претседателот, потегот на Вашингтон ќе доживее неуспех.

Ограничувањата вклучуваат забрана за сите американски лиценци за извоз, замрзнување на средствата и ограничување на визите на претседателот на Дирекцијата за одбранбена индустрија на Турција, Исмаил Демир и на тројца други официјални лица.

Во својот прв јавен коментар за ова прашање, Ердоган рече дека проблемите што произлегуваат од санкциите ќе бидат надминати и вети дека ќе ги засили напорите за независна одбранбена индустрија на Турција. Тој исто така го критикуваше Вашингтон за казнување на неговиот сојузник во НАТО, објави Ројтерс.

„За каков сојуз станува збор? За какво партнерство станува збор? Оваа одлука е отворен непријателски напад врз суверените права на нашата земја“, рече тој во телевизиското обраќање.

„Вистинската цел е да се запре напредокот што неодамна го направи нашата земја во одбранбената индустрија и повторно да бидеме целосно зависни од нив (САД)“, додаде тој.

Според Ердоган, ќе има проблеми, но секој нов проблем „ќе ни отвори врата за решавање“.

Според Анкара, одлуката за купување руско оружје не била избор, туку неопходност, бидејќи земјата не била во можност да набави опрема од сојузникот НАТО под поволни услови.

Ердоган исто така рече дека Турција сè уште произведува скоро 1.000 делови за борбените авиони Ф-35, иако беше исклучена од програмата поради набавката на С-400.

Санкциите беа објавени во деликатно време во односите меѓу Турција и САД. Администрацијата на претседателот во заминување Доналд Трамп се чини дека се обидува да му отежни што е можно на неговиот наследник Џо Бајден, откако ја презеде функцијата во јануари.

Директорот за комуникации на Ердоган, Фахретин Алтан, рече дека санкциите ќе бидат товар на Бајден, но Анкара е убедена во решителноста на Вашингтон да ја поправи „оваа грешка без одложување“.

Алтан, исто така, додаде дека санкциите прават Вашингтон да изгледа како несигурен партнер во НАТО.

За време на денешниот говор, Ердоган покажа и снимки од новиот ракетен систем за ракетна одбрана на Турција HISAR-A+, за кој рече дека се одложува поради ембаргото за делови увезени во Турција. Сепак, тој не прецизираше од која земја увезува.

Слични содржини