Ердоган: Соопшението на адмиралите потсетува на воениот удар

од Stefanija Kuzmanovska

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес оцени дека изјавата на поранешните адмирали, кои ја поддржуваа Конвенцијата во Монтре од пред 85 години, ја надминува слободата на изразување и дека повикува на воен удар.

Претходно денес, Турција приведе 10 пензионирани адмирали за потпишување изјава за поддршка на 85-годишната конвенција со која се регулира преминот низ Босфор и Дарданелите, а уапсените се обвинети за заговор против уставниот поредок, објави Ројтерс.

Во неделата, адмиралите го критикуваа предлогот Турција да се повлече од меѓународниот договор од Монтре, постигнат во 1936 година, со кој се регулира сообраќајот на бродови преку Босфор и Дарданели, кои го поврзуваат Средоземното со Мраморното и Црното море.

Турскиот потпретседател Фуат Октај ја спореди изјавата на адмиралите со „свиркање на исплашени кукавици на гробиштата“, а потпретседателот на владејачката Партија на правдата и развојот, Нуман Куртулуш, ги нарече потписниците „љубители на стара Турција кои се гледаат себе си над волјата на нацијата “, објави АП.

Бројни официјални претставници на Анкара изјавија дека заедничката изјава, која покрај адмиралите ја потпишаа повеќе од 100 поранешни високи припадници на морнарицата, претставува директен предизвик за цивилната влада и потсетува на претходните воени удари.

Во Турција, дел од армијата се обиде да изврши државен удар против Ердоган во 2016 година, а потоа беа убиени голем број граѓани, а над 1.000 беа ранети.

Слични содржини