Ерик Земур десничарски кандидат за претседател на Франција

од Milan1

Францускиот писател Ерик Земур кој се приклонува кон екстремната десница денеска најави дека ќе се кандидира на претседателските избори закажани за пролетта 2022 година.
Земур на 5 декември ќе одржи народен собир во концертната сала Зенит во Париз, а ова ќе биде негов прв митинг во кампањата за претседателските избори.

По вртоглавиот пораст на неговиот рејтинг на испитувањата на јавното мислење во септември, кога се споменуваше дека може дури и да влезе во вториот круг од претседателските избори, Земур (63) сега се соочува со тешкотии бидејќи неговата популарност опаѓа, а некои сали одбиваат да ги организираат неговите митинзи.

Тој беше фотографиран во неделата како му покажува среден прст на случаен минувач во Марсеј, а реакциите на фотографијата го принудија Земур да признае дека направил „неелегантен гест“.
Според последните анкети, Земур во првиот круг од претседателските избори би можел да освои меѓу 14 и 15 отсто од гласовите, зад кандидатката на екстремно десничарската партија Национално собрание, Марин Ле Пен, која би добила 19 отсто. На прво место е актуелниот претседател, центристот Емануел Макрон, кој би добил 25 отсто од гласовите. Макрон се уште не се изјаснил за својата кандидатура.

Земур неколку пати беше гонет поради контроверзни изјави. Тој беше осуден во 2011 година за поттикнување расна дискриминација, а во 2018 година за поттикнување омраза кон муслиманите.

Се претставува како бонапартист, а се залага за популистичко право – собирање на народната класа и патриотска буржоазија, како и запирање на имиграцијата и укинување на правото на земјиште, односно правото на странците да се стекнат со државјанство доколку се родени во Франција.

Слични содржини