Еруптира најголемиот активен вулкан во светот

од Vladimir Zorba

Најголемиот активен вулкан во светот, Мауна Лоа на Хаваите, еруптираше за прв пат по речиси 40 години, исфрлајќи пепел, но засега не претставува закана за жителите.

„Ерупцијата на вулканот висок 4.169 метри започна доцна навечер во неделата, а за сега тековите на лавата се ограничени околу самиот врв на вулканот и не претставуваат опасност за блиските населби“, објави Американското геофизичко истражување (USGS).

Како одговор на фотографијата објавена на Твитер на која се чини дека покажува лава, USGS соопшти дека е можно да се излеала лава од калдерата.

Калдерата е геолошки феномен создаден од вулкан кога ќе се урне во себе, создавајќи на тој начин голема и посебна форма на вулкански кратер, пренесе АФП.

Последната ерупција беше во 1984 година

„Засега нема индикации дека ерупцијата напредува кон зоната на расцепот што ќе и овозможи на магмата полесно да се движи низ земјата“, додаваат од USGS.

Во исто време, USGS предупредува дека ситуацијата со ерупцијата на Мауна Лоа може брзо да се промени.

Мауна Лоа се наоѓа на најголемиот хавајски остров и еден од петте вулкани кои заедно го сочинуваат Големиот остров, најјужниот во хавајскиот архипелаг.

Од 1843 година, вулканот еруптирал 33 пати, последен пат во 1984 година, кога вулкански материјал бил исфрлан 22 дена.

Слични содржини