Ерупција на вулкан на Суматра, наредена евакуација (ВИДЕО)

од Stefanija Kuzmanovska

Вулканот Синабунг на островот Суматра во Индонезија повторно избувна и исфрла жешка пепел.

Вулканот ослободува големи количини пепел кои се протегаат до три километри во висина, а тие исто така го контаминираа воздухот и ги загрозија животите на луѓето во блискиот град Каро, пренесува „Анадолија“.

Ерупцијата започна откако во изминатите седум дена беа забележани 15 експлозии во внатрешноста на вулканот.

Армен Путра од Опсерваторијата за вулкани изјави дека постои опасност да излезе лава од вулканот и дека на луѓето им е наредено да се оддалечат најмалку пет километри од вулканот и да ги следат следните предупредувања на надлежните институции.

Синабунг е висок 2.600 метри. По 400 години мирување, за првпат беше активиран летото 2010 година, а за време на ерупциите во 2014 и 2016 година животот го загубија 23 лица.

Индонезија се наоѓа во областа на Пацифичкиот огнен појас во кој се наоѓаат најмалку 130 активни вулкани.

Слични содржини