Ескобар: Санкциите се важна алатка за стабилизирање на Балканот, ќе има уште

од Milan1

Санкциите не се основно средство за ангажман на САД на Западен Балкан, но тие имаат ефект и ќе продолжaт, рече заменик-помошникот државен секретар и специјален пратеник за регионот Габриел Ескобар во интервју за Гласот на Америка, додавајќи дека корупцијата е голем проблем на Балканот.

Ескобар за Гласот на Америка посочи дека американската политика и ангажман на Западен Балкан традиционално се однесуваат на мултиетничко помирување и интеграција во Европската унија.

– Во тој поглед, политиката на последните четири управи беше многу конзистентна. Она што можам да кажам дека малку е променета количината на внимание што го доби Западен Балкан во оваа администрација. Значи, има обновени напори за повторно вклучување во сите механизми кои беа успешни, а тоа е да се зајакне Дејтон, да се поддржи и обнови дијалогот меѓу Србија и Косово и да се работи тесно со нашите партнери од НАТО за да се осигураме дека тие можат да ги исполнат своите обврски од НАТО. И би рекол дека бевме многу успешни во поголемиот дел од тоа, истакна Ескобар.

Тој додаде дека „малку е фрустрирачки што, од една страна, нема понатамошен напредок во европската интеграција, што многу земји не постигнаа понатамошен напредок во спроведувањето на реформите“.

– Посебно во борбата против корупцијата, која би рекол дека е најголемиот предизвик на Западен Балкан. Сепак, морам да кажам дека имаме многу добри партнери во регионот и влади кои се посветени на оваа програма на евроинтеграции, борбата против корупцијата и продлабочувањето на врските со соседите, рече Ескобар.

Една од алатките што ја користеше американската администрација во текот на изминатата година во борбата против корупцијата се санкциите – против Милорад Додик, член на Претседателството на БиХ и уште двајца функционери, потоа против Милан Радоичиќ и Звонко Веселиновиќ на Косово.

Желбата на луѓето да живеат во земји кои се ослободени од корупција

– Како што реков претходно, не сакам луѓето да мислат дека САД се ангажираат во регионот пред се преку санкции. Имаме многу можности да ја унапредиме агендата на нашите партнери, да ја унапредиме агендата на луѓето кои вистински ги претставуваат аспирациите на своите народи. Би рекол дека во голема мера стремежот на овие луѓе е да живеат во земји кои се ослободени од корупција и се приближуваат кон Европа. Тоа е она што луѓето во регионот го сакаат во голема мера. Но, оваа администрација е многу посветена на борбата против корупцијата и едно од средствата во таа борба се овие санкции. И можам да кажам дека ќе ги има повеќе, но тоа нема да биде основно средство за нашиот ангажман“, изјави тој.

Слични содржини