Ескобар: Заедницата на српските општини не смее да биде „држава во држава“

од Nikola Popovski

Американскиот специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар изјави дека формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово не треба да е во спротивност со Уставот на Косово и да создава „држава во држава“.

На денешниот онлајн брифинг со новинарите од Балканот, Ескобар појаснил дека САД се посветени на спроведувањето на сите договори постигнати во рамките на дијалогот Косово-Србија, но дека треба да се разговара за прашањето на Заедницата за да не се коси со законот.

„Нашиот став е дека сите претходни договори мора да се спроведат, вклучително и Заедницата. Но, тоа не треба да биде во спротивност со Уставот на Косово, да не создава проблеми во функционирањето на Косово и да не биде држава во држава“, рекол Ескобар.

Тој додал дека постојат многу европски модели според кои малцинствата можат да го заштитат своето културно наследство и јазик, без да ја нарушат уставната рамка на државата во која живеат.

„Сакаме да најдеме некои од овие примери и можеби дури и да ги искористиме како водич за имплементација на Заедницата. Се надевам дека тие ќе може да се дискутираат во Брисел подоцна овој месец“, изјавил тој.

Локалните Срби на северот на Косово на 31 јули ги блокираа патиштата кон граничните премини со Србија, Јариње и Брњак, еден ден пред да стапат на сила одлуките на Владата на Косово.

Барикадите беа отстранети вечерта на 1 август, а Владата на Косово го одложи спроведувањето на одлуката за еден месец.

Ескобар ги повика српските и косовските лидери да се вклучат во конструктивни разговори, кои, како што рече, се клучот за иднината на Србија и Косово.

Тој повтори дека САД го поддржуваат дијалогот со посредство на ЕУ и подвлече дека за САД прашањето за Косово „не е отворено прашање“, бидејќи Вашингтон сака Косово да биде признаено од сите земји на ЕУ и да се приклучи кон меѓународните организации.

Слични содржини