Есмеров: Пораката на Баjден е јасна, опозицискиот табор тера инает на веќе апсолвирани решенија

од Берта Китинска

Американскиот претседател Џо Бајден вчера соопшти дека  го проширува опсегот на санкции за поединци и организации од земјите на Западен Балкан, што ги загрозуваат мирот и стабилноста на регионот. Во декретот на претседателот на САД додаден е Охридскиот и Преспанскиот договор. За поранешниот амбасадор на Македонија во Будимпешта  од редовите на ВМРО-ДПМНЕ,  Игор Есмеров, оваа одлука на САД е очекувана бидејќи таа се залага за стабилност на Западен Балкан.

-Оваа реакција на Бајден е очекувана, имајќи предвид дека САД силно се залагаат за стабилноста на Западен Балкан и за почитување на постигнатите договори, Преспанскиот и Охридскиот. Од друга страна сведоци сме на немање доволно разбирање на овие процеси од страна на одредени македонски политичари, пред се од опозицискиот табор и постојано терање на инает и оспорување на веќе апсолвирани решенија, објаснува Есмеров за „Локално“.

Во однос на тоа што би значело вртењето на грб на стратешкиот партнер на земјава од страна на опозицијата, Есмеров објаснува дека оваа нивна одлука во иднина би ја ставила партијата во ризик.

-Тоа значи дека некој не ја разбира тежината на ставот на Вашингтон и ја става во ризик иднината на партијата и раководството. Вообичаено, после јавно изнесениот став на Бајден следуваат и конкретни чекори кои можат да ги следат и некои држави на ЕУ, па најверојатно тогаш ќе размислуваат за последиците, истакна Есмеров.

На прашањето дали оваа одлука е јасна порака и за Бугарија пред јунскиот самит на ЕУ ,порнешниот амбасадор вели дека  немоќта на Унијата да изврши притисок врз Софија ќе биде премостена со познатите методи на јастребите од Вашингтон.

-Јас минатата година кажав дека немоќта на ЕУ бирократите да извршат притисок врз официјална Софија ќе биде премостена со познатите методи на јастребите од Вашингтон и тоа сега го гледаме преточено во официјален документ. Пораката е повеќе од јасна, особено после објавувањето на Црната листа на која се најдоа видни авторитети од политичко-бизнис естаблишментот на Бугарија, вели тој.

ВМРО-ДПМНЕ и Левица остануваат против Преспанскиот договор

И покрај извршната наредба на американскиот претседател Џо Бајден, со која им се заканува забрана за влез и конфискување имот на сите противници на Договорот со Грција. ВМРО-ДПМНЕ и Левица експресно му свртеа грб на стратешкиот партнер на земјава, преку изјавите на функционерот на најголемата опозициска партија, Антонијо Милошоски и претседателот на партијата Левица, Димитар Апасиев.

-ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше во преговарањата, креирањето, неговото носење во Собранието и негова имплементација, истиот е асиметричен и спротивен на македонските национални интереси, изјавил денеска Милошоски.

Уште потврд во ставовите е Апасиев, според кого извршната наредба на американскиот претседател Џо Бајден е „дел од империјалистичката надворешна политика на САД која оперира со притисок, санкции, закани и воени интервенции, односно една насилничка политика“.

Б.М.

Слични содржини