ЕЦБ предупредува: Инфлацијата може да се засили, а еврозоната би можела да западне во рецесија

од Vladimir Zorba

Изгледите за инфлацијата во еврозоната не се подобрија и покрај растот на каматните стапки, изјави членката на одборот на Европската централна банка (ЕЦБ) Изабел Шнабел, предупредувајќи истовремено дека и на еврозоната и се заканува рецесија.

Во јули, централната монетарна институција на еврозоната ги зголеми клучните каматни стапки за половина процентен поен, со цел да го спречи силниот раст на цените, поттикнат од растот на цените на енергијата и храната.

„Во јули решивме да ги зголемиме каматните стапки за 50 базични поени бидејќи бевме загрижени за прогнозите за инфлација. Сепак, оваа загриженост од јули не стивнува… Мислам дека перспективата не е значително променета“, изјави претставничката на ЕЦБ во интервју за Ројтерс.

„Тој потег не беше доволен за промена на изгледите за инфлација“, нагласи Шнабел.

Инфлацијата достигна 8,9 отсто во јули и е повеќе од четири пати повисока од целта на ЕЦБ од два отсто, а може дополнително да зајакне и покрај зголемените трошоци за енергија што ја намалува куповната моќ на граѓаните и го забавува растот.

„Не би ја исклучила можноста за натамошно зајакнување на инфлацијата на краткорочна перспектива. Веројатно долго ќе живееме со инфлаторни притисоци, тие нема да стивнат толку брзо. Ќе треба време инфлацијата да се врати на два проценти“, рече Шнабел.

Во наредните години инфлацијата треба силно да се забави, но Шнабел истакна дека проекциите на ЕЦБ во изминатите квартали биле погрешни, па според неа, податоците за реалниот раст на цените треба да имаат позначајна улога во креирањето на монетарната политика.

Таа се согласува и со проценките дека еврозоната би можела да западне во рецесија.

„Постојат силни индикации дека растот ќе забави и не би ја отфрлила можноста за влегување во техничка рецесија, особено ако дополнително се намали снабдувањето со енергија од Русија“, рече Шнабел.

„Ризиците кои би можеле да го забават економскиот раст се зголемени, поради новите шокови во снабдувањето, предизвикани од сушата и ниското ниво на вода во големите реки. Се чини дека меѓу поголемите земји од еврозоната, Германија е најтешко погодена“, рече таа.

Рецесијата би ги ублажила ценовните притисоци, но тоа не би било доволно само по себе да ја врати инфлацијата на целното ниво, предупредува таа.

Вистина е дека на еврозоната и се заканува рецесија, но голем број сигнали истовремено упатуваат на заклучокот дека инфлациските очекувања можеби излегуваат од контрола, ја резимира Шнабел дилемата во која се најде ЕЦБ, соочена со изборот помеѓу ограничување на инфлацијата и поддршка на економијата.

„Дури и да влеземе во рецесија, малку е веројатно дека инфлаторните притисоци сами ќе се намалат“, додаде претставникот на ЕЦБ.

Слични содржини