ЕУ ќе се обиде да ја финансира обновата на Украина со замрзнатите руски имоти

од Nikola Popovski

Европската унија (ЕУ) денеска соопшти дека сака да најде начин да ги искористи руските имоти замрзнати во западните земји за финансирање на обновата на Украина, мерка што ја бара Киев, но од правен аспект е сложена за спроведување.

„ЕУ ќе ги интензивира напорите да ги користи замрзнатите руски имоти и средства за поддршка на реконструкцијата на Украина и за целите на репарациите, во согласност со европското и меѓународното право“, се вели во заедничката изјава на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен по самитот во Киев со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во Киев, ЕУ ги поздрави „големите напори“ на Украина во нејзината обид да се приклучи на Унијата, но не ги објави следните чекори во процесот.

„Унијата ги препозна големите напори што Украина ги направи во последните месеци за да ги постигне целите во рамките на нејзиниот кандидатски статус за членство“, рече Мишел.

Претседателот на Европскиот совет рече дека Украина е Европската унија и дека Европската унија е Украина.

Зеленски, од своја страна, рече дека Украина не сака да изгуби ниту еден ден во процесот за членство во ЕУ.

„Нашата цел е апсолутно јасна, а тоа е почеток на преговори за членство на Украина. Нема да губиме ниту еден ден во нашата работа за приближување на Украина и ЕУ“, кажа Зеленски.

Зборувајќи за оружјето, Зеленски рече дека на Украина и треба брза испорака на оружје со долг дострел за силите да вратат дел од Донбас од руски раце.

Слични содржини