ЕУ бара повеќе тестирања на варијанти на ковид поради ширењето на инфекцијата во Кина

од Stefanija Kuzmanovska

Европската унија треба да размисли за итно зголемување на геномското секвенционирање на инфекциите со ковид-19 и мониторингот на отпадните води, вклучувајќи ги и оние од аеродромите, со цел да се детектираат сите нови варијанти на коронавирусот, со оглед на ширењето на вирусот во Кина, изјави шефицата на здравствениот сектор на блокот Стела Киријакидес.

Во писмото до 27-те министри за здравство на ЕУ, Стела Киријакидес рече дека блокот треба да биде „многу внимателен“ затоа што Кина ги укина ограничувањата за патување на 8 јануари и дека веродостојните епидемиолошки и тестирачки податоци за Кина се прилично оскудни.

Киријакидес им препорача на министрите во писмото, во кое „Ројтерс“ имал увид, да ја оценат нивната сегашна практика во врска со геномското секвенционирање на коронавирусот „како итен чекор“.

Ако секвенционирањето е намалено, земјите можеби ќе сакаат да размислат за повторно зголемување, пишува таа, додавајќи дека е важно да се продолжи или да се започне со следење на отпадните води, вклучително и отпадните води од клучните аеродроми.

Доколку се појави нова варијанта, блокот ќе треба рано да ја открие за да може брзо да реагира, пишува Киријакидес.

Писмото на еврокомесарката уследи по онлајн состанокот на претставници на земјите-членки на ЕУ, здравствените агенции на ЕУ и Светската здравствена организација за да разговараат за тоа како да се справи со избувнувањето во Кина.

Здравствените експерти се очекува да одржат состанок за одговор на кризата следната недела, изјави извор од ЕУ.

Италија го повика остатокот од Европската унија да го следи примерот и да ги тестира патниците од Кина, но повеќето членки на ЕУ велат дека не гледаат потреба да го сторат тоа. Киријакидес пишува дека некои членки на ЕУ предложиле мерки како случајно тестирање на патниците.

Шпанија во петокот соопшти дека ќе им се придружи на другите земји кои воведуваат нови ограничувања барајќи од патниците од Кина да бидат негативни или да покажат дека се целосно вакцинирани.

Европскиот центар за превенција и контрола на болести објави дека во моментов не препорачува мерки за патниците од Кина.

Од центарот наведуваат дека варијантите кои циркулираат во Кина се веќе присутни во Европската унија, дека граѓаните на ЕУ имаат релативно високо ниво на вакцинација и дека потенцијалните увезени инфекции се ниски во споредба со бројот на дневни инфекции во ЕУ.

Слични содржини