ЕУ денеска ќе презентира мерки во врска со драстичното поскапување

од Stefanija Kuzmanovska

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, денеска во 9 часот наутро во својот говор за состојбата на Унијата во Европскиот парламент ќе објави предлози за мерки за запирање и намалување на цените на енергијата.

Според нацртот на тие мерки, Комисијата ќе предложи пакет од три мерки наместо пет, кои претходно ги спомена. Првата мерка е ограничување на приходите на енергетските компании кои не користат гас за производство на електрична енергија. Вишокот приход на тие компании би бил насочен кон потрошувачите и кон стопанството.

Втората мерка е задолжителната заштеда на електрична енергија при максимално оптоварување кога струјата е најскапа. Намалувањето на потрошувачката за време на максималните оптоварувања, исто така, би ја намалило потрошувачката на гас.

Како трета мерка, Комисијата ќе предложи компаниите кои работат со фосилни горива, кои исто така профитираат од поскапувањето, да плаќаат данок на солидарност, а собраните средства исто така да се насочат кон потрошувачите и стопанството.

Во нацртот не се споменува ограничување на цената за увоз на гас ниту од Русија, ниту од други земји, како и програма за поддршка на ликвидноста на енергетските компании за полесно да се соочат со нестабилноста на пазарот.

Слични содржини