ЕУ ги продолжи економските санкции кон Русија

од Stefanija Kuzmanovska

Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ денес одобрија продолжување на економските санкции против Русија до 31 јануари 2022 година, а формалната одлука на Европскиот совет на ниво на министри за надворешни работи ќе биде донесена на 12 јули, изјави неименуван извор од Европска служба за надворешни работи.

„Амбасадорите на ЕУ ја одобрија денес одлуката за ново продолжување на економските санкции (против Русија). Конечната одлука министрите за надворешни работи треба да ја донесат на 12 јули (на планираниот состанок на Европскиот совет во Брисел)“, рече истиот извор, како што пренесува руската агенција ТАСС.

Економските санкции на ЕУ против Русија се продолжуваат на секои шест месеци – прво до 31 јули, а потоа до 31 јануари.

Во 2014 година Европската унија воведе санкции за Русија поради настаните во Украина и повторното обединување на Крим со Русија. Оттогаш, овие санкции беа продолжувани неколку пати, пренесува „Танјуг“.

На некои руски официјални лица им е забрането да ги посетуваат земјите на ЕУ, а нивниот имот е замрзнат. Покрај тоа, воведени се трговски, финансиски и воени ограничувања.

Како одговор на санкциите, Москва забрани увоз на храна од членките на ЕУ.

Слични содржини