ЕУ: Итната средба Вучиќ-Курти е за спречување на ескалација и тензии на теренот

од Vladimir Zorba

Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти утре во Брисел ќе учествуваат на итна средба на високо ниво во рамките на дијалогот Белград-Приштина под покровителство на ЕУ.

Фокусот на итната средба ќе биде изнаоѓање излез од актуелната криза и избегнување на каква било понатамошна ескалација и тензии на теренот, со акцент на прашањето за регистарските таблички и враќањето на косовските Срби во косовските институции, соопшти денеска Европската служба за надворешна политика (ЕЕАС) .

Домаќин на средбата е високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел со поддршка на специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак.

Серијата средби започнува во 8.00 часот. Борел и Лајчак прво одвоено ќе разговараат со Вучиќ и Курти, по што ќе следи заедничка средба, се вели во соопштението од Брисел.

На крајот од средбата, високиот претставник на ЕУ, Борел ќе се обрати пред медиумите.

Пред да замине на утрешните разговори, Вучиќ рече дека не е оптимист, дека не мисли дека може да се направи нешто, но оти оди „за да не даде доволна причина Србија да биде обвинета дека не сака да направи ништо. “.

Тој повтори дека условите на Србија се формирање Заедница на српски општини (ЗСО) и укинување на одлуката за табличките.

Косово најави дека на 22 ноември ќе почне да наплатува казни од 150 евра за сопствениците на возила со регистарски таблички од градовите во Косово издадени во Србија, а кои не се заменети со таблички RKS (Република Косово).

Претставниците на меѓународната заедница побараа од Приштина да го одложи спроведувањето за десет месеци, што косовските власти го одбија.

Портпаролот на Европската унија Петер Стано во петокот изјави дека Вучиќ и Курти биле поканети во Брисел на средба на високо ниво за да се најде „европско решение“ за „најсериозната ситуација од 2013 година“.

Борел претходно најави дека 21 ноември не смее да се дочека без договор „или ќе дојдеме до работ на многу опасна ситуација“.

Вучиќ и Курти последен пат разговараа во рамките на дијалогот Белград-Приштина на 18 август, кога се договорија да се среќаваат еднаш месечно со цел да се решат актуелните проблеми и да се спречи евентуална ескалација на тензиите.

Слични содржини