ЕУ ја осуди употребата на сила против демонстрантите во Белорусија

од Vladimir Zorba

Европската унија ја осуди употребата на насилство врз демонстрантите и повика на ослободување на сите уапсени за време на протестите по претседателските избори во Белорусија.

Во заедничката изјава на шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел и европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји, се вели дека „непропорционално и неприфатливо насилство“ било користено против мирни демонстранти од страна на државните сили, што „наводно резултирало во губење на животот на еден граѓанин“, додека многу други се повредени.

„Ние го осудуваме насилството и повикуваме на итно ослободување на сите уапсени минатата ноќ. Белоруските власти мора да обезбедат почитување на основното право на мирно собирање“, се вели во соопштението.

Европските официјални претставници посочија дека граѓаните на Белорусија „по невидената мобилизацијата за слободни избори и демократија“, сега очекуваат точно пребројување на нивните гласови и дека е суштинско значење Централната изборна комисија да објави резултати што го одразуваат на изборот на народот.

„Само поддршката за човековите права, демократијата и слободните и фер избори ќе гарантира стабилност и суверенитет во Белорусија“, се вели во соопштението, додавајќи дека ЕУ ќе продолжи да го следи внимателно развојот, за да процени како тоа би ги оформило односите со Белорусија.

На вчерашните избори претседателот Александар Лукашенко го доби шестиот мандат, со 80,23 проценти од гласовите, а неговиот главен противник, Светлана Тихановскаја, 9,9 проценти, според Централната изборна комисија.

Опозицијата и локалните набудувачи велат дека изборите биле нерегуларни, а Тихановскаја рече дека не ги признава резултатите на изборната комисија.

По затворањето на изборите, илјадници луѓе излегоа на улиците низ целата земја. Десетици луѓе се повредени, а околу 3.000 беа уапсени во судирите меѓу демонстрантите и полицијата.

Невладини организации за човекови права тврдат дека еден млад човек е убиен кога бил удрен од специјално возило за да ги растера демонстрациите, нешто што надлежните го негираат.

Слични содржини