ЕУ ќе скенира, па ќе не оцени: „Кластерот Темели ќе го диктира темпото на преговорите“

од Берта Китинска

Во Брисел официјално почна скринингот за усогласеноста на македонското законодавство со тоа на Европската Унија. Македонија го почна објаснувачкиот скрининг, односно првата фаза од преговорите со Европската Унија.

-Скрининг процесот е првиот или почетен чекор во пристапните преговори за членство во ЕУ. Овој процес има за цел да направи аналитички преглед на постоечките разлики помеѓу законодавството на земјата кандидат и Европското acquis, и да даде оценка за нивото на усогласенот на законодавството на земјата-кандидат со законодавството на ЕУ, појаснува за „Локално“, Стефан Ристовски од Институт за европска политика.

Тој вели дека процесот е поделен во два дела – објаснуваки и билатерален скрининг, додавајќи дека врз основа на презентираните оценки, како и податоци прибрани од други извори, Европската комисија ќе го подготви Извештајот од билатералниот скрининг кој ќе даде оценка за нивото на усогласеност.

-Објаснувачкиот скрининг, процесот кој започнува овој месец, е процес во кој претставници на директоратите на Европската Комисија го презентираат корпусот на европското право во соодветната област, односно поглавје. Презентациите ги содржат главните информации во одност на европското право за секое преговарачко. На билатералниот скрининг, државните институции даваат свои презентации на национално законодавсто во даден момент и оценка за нивото на усогласеност.Врз основа на презентираните оценки, како и податоци прибрани од други извори, Европската комисија подготвува Извештај од билатерален скрининг кој дава оценка за нивото на усогласеност и препораки за натамошно усогласување. Од тука, согласно новата методологија, Европска комисија ги поготвува, а Советот на ЕУ ги усвојува одредниците при отворање за секој кластер, подвлекува Ристовски.

Тој посочува дека колку скринингот ќе биде предизвик за нас, ќе зависи од нашата подготвеност „навремено и квалитетно да испорачаме согласно барањата на процесот“.

-Tешко е да се даде чиста оценка за тоа во кои области, односно поглавја и кластери ќе наидеме на потешкотии.Колку скринингот ќе биде предизвик за нас, ќе зависи од нашата подготвеност навремено и квалитетно да испорачаме согласно барањата на процесот. Тука, важна е подготвеност на секоја институција, како и меѓусебна координација.Скринигот за Кластерот Темели, и објаснувачкиот и билатералниот, се единсветени кои ќе се реализираат во 2022.

Заради кратките рокови, важно е колку сме внатрешно консолидирани во оваа фаза. Согласно новата методологија, кластерот Темели го диктира темпото на преговори. Затоа, важно е за нас да имаме јасна слика на нивото на подготвеност во овој кластер.Дополнително, комплексноста на европското acquis во дадена област секако би создал дополнителен предизвик – областите кои се детално и длабински уредени на ниво на ЕУ секако ќе бараат поголем обемот на работа. Во кластерот. Зелена агенда и одржлива поврзаност, комплексни поглавја се Енергетика, транспорт, како и поглавјето Животна средина. Кластерот Внатрешен пазар пак има најмногу (9) поглавја, објаснува тој.

За тоа дали е подготвена администрацијата и дали имаме доволно кадри, со цел успешно спроведување на реформите Ристовски посочува дека во овој период ќе биде потребна мобилизација за да се обезбедат соодветни политики за задржување, но и привлекување на нови квалитетни кадри.

-Администрацијата има искуство во работење на европската агенда, подолго од многу земји од регионот. Сепак, одливот на квалитетни кадри од институциите е проблем за кој се зборува подолго време. Неопходно е да се мобилизираат соодветни кадри во сите институции за да одговориме на барањата на овој процес. Неопходно е да обезбедиме соодветни политики за задржување, но и привлекување на нови квалитетни кадри со оглед на тоа што преговорите нема да зависат само од скрининг извештаите, туку и понатамошно спроведување на препократите (одредниците), оченува Ристовски.

Скенирањето на државата ќе трае до наредната година

Согласно презентираната временска рамка, скринг процесот започнува овој месец, септември 2022 година, и завршува во ноември 2023 година, вели Ристовски, нагласувајќи дека промени на оваа временска рамка не би требало да има, и дека најмалку „ние да бараме промени во распоредот“.

-Важно е да потенцираме, повторно, дека скрининг процесот завршува со усвојување на извештаите од скринингот од страна на ЕУ и доставување на извештаите на земјата кандидат, што во нашиот случај според наши проценки нема да се случи пред уставните измени, вели тој.

Кластер Темели

Во овој кластер се става акцент на бугарските барања кои се нагласени во Преговарачката рамка , како прашањата на дискриминација и говорот на омраза.

Македонија во 2018 направи подготвителен објаснувачки скрининг, поради кој сега Европската комисија ќе проверува колку од европските регулативи донесени од тогаш до денес се преточени во македонското законодавство.

-Македонскиот тим, тука во Брисел, а и колегите кои не следат од Скопје се подготвени да ги слушнеме вашите искуства и совети за тоа како најдобро да се исполнат барањата на законодавството на ЕУ во областа на јавните набавки, поглавје кое е дел од Кластерот Темели, посочил Маричиќ пред европските претставници.

ЕУ во март 2020 одлучи дека Македонија може да ги почне преговорите, но земјата тогаш доби блокада од Бугарија.

Тоа беше надминато со францускиот предлог со кој дел од бугарските барања влегоа во преговарачката рамка, по што уследи првата меѓувладина конференција.

Слични содржини