ЕУ конечно даде зелено светло на револуционерниот Закон за обнова на природата: Планот е да се обноват 20% од копното и морето до 2030 година

од Vladimir Zorba
149 прегледи

На состанокот на министрите за животна средина на Европската унија (ЕУ), одржан во понеделник, на 17 јуни, во Луксембург, конечно беше усвоен револуционерниот Закон за обновување на природата.

„Немаме време да ја паузираме заштитата на животната средина“, рече белгискиот политичар Елан Мерон. „Советот на ЕУ избра да ја обнови природата во Европа, а со тоа да ја заштити нејзината биолошка разновидност и животната средина на европските граѓани.

Со цел да се ублажат климатските промени и последиците од природните катастрофи, Европската комисија го предложи Законот за обнова на природата во јуни 2022 година, а нејзиниот фокус е на обновување на деградираните природни предели во ЕУ. Конкретно, до крајот на деценијата треба да се обноват најмалку една петтина од копнените и поморските површини на територијата на земјите-членки, а до средината на векот да се обноват сите екосистеми на кои им е потребна реставрација.

Иако заштитата на природната средина изгледа како тема за која сите можеа да се согласат, патот до конечната одлука беше трнлив и неизвесен и го одбележаа протестите на земјоделците кои траат од декември минатата година.

Земјите како Италија, Шведска и Финска долго време се противат на Законот за обновување на природата, додека Унгарија ја повлече својата поддршка за предлогот во март.

Од друга страна, според медиумите, Австрија во последен момент го променила ставот и дала зелено светло за овој закон. Истото се случи и со Словачка, која при клучното гласање сепак го поддржа текстот и покрај претходно изразените сомнежи за предлогот.

Така, Законот за обновување на природата конечно беше усвоен со тесно мнозинство од дваесетте земји во кои живее 66% од населението на ЕУ. Прагот за усвојување на прописи со квалификувано мнозинство во Советот, законодавното тело на заедницата составено од министрите на земјите-членки, е 65%.

Главните аргументи за спротивставување на законот, кој треба да го спречи деценискиот колапс на екосистемот, беа загриженоста за влијанието врз земјоделскиот сектор и стандардите за одржливост, но и за трошоците за самата имплементација.

Без несогласувања не останаа ниту преговорите во Европскиот парламент. На усвојувањето на Законот за обнова на природата му се спротивставија претставниците на централно-десничарската Европска народна партија (ЕПП), најголемата транснационална европска политичка партија.

И покрај бунтот на десницата, пратениците во февруари го поддржаа компромисниот текст на законот со 329 гласа „за“ наспроти 275 гласа „против“.

Над 80% од живеалиштата во ЕУ се во лоша состојба, а претходните напори за зачувување на природата не успеаја да го сменат загрижувачкиот тренд на нејзино уништување.

Законот за обнова на природата треба да ја промени ситуацијата на подобро.

Регулативата опфаќа широк опсег на екосистеми, вклучувајќи шуми, пасишта, реки и езера, а во морињата – морска трева, сунѓери и корали. Според Советот, до 2030 година приоритет за реставрација ќе бидат заштитените подрачја во мрежата Натура 2000, кои заземаат околу 18% од територијата на ЕУ.

За да се постигнат законски утврдените цели, земјите-членки мора да подобрат најмалку 30% од живеалиштата, опфатени со законот, од лоша во добра состојба.

Но работата не застанува тука… Обновените површини треба да се задржат во нивната подобрена форма.

До 2050 година, процентот на екосистемите кои се подложени на реставрација треба да се зголеми на 90%.

Меѓутоа, бидејќи Законот за обнова на природата се покажа како контроверзен сегмент од Европскиот зелен договор и предмет на бројни дискусии, конечниот текст претставува разводнета верзија на оригиналните идеи.

На пример, на барање на Европскиот парламент, т.н итна сопирачка што значи дека целите, кои влијаат на земјоделството, можат да бидат суспендирани „под исклучителни околности“ кои ја загрозуваат безбедноста на снабдувањето со храна.

Слични содржини