ЕУ не го признава Лукашенко

од Nikola Popovski

Европската унија не го признава Александар Лукашенко за претседател на Белорусија и подготвува санкции против функционерите на владејачкиот режим во таа земја, изјави денеска високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

„Веруваме дека изборите на 9 август не беа фер и не го признаваме Лукашенко за легитимен претседател на Белорусија“, рекол Борел на дебатата на пленарната сесија на Европскиот парламент во Брисел, пренесоа агенциите.

„Во моментов носиме санкции за значителен број на одговорни за насилство, репресија и фалсификување на изборните резултати“, додал тој.

„Тие санкции треба да бидат усвоени пред Европскиот совет на 24 и 25 септември во Брисел, ако сакаме да го зачуваме европскиот кредибилитет“, вели шефот на европската дипломатија. Одлуката, како што јави агенцијата Хина од седиштето на ЕУ, се очекува на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во понеделник во Брисел.

Европската унија ги разгледува и односите со Белорусија за „да ги идентификува областите каде треба да се прекинат или разгледуваат контактите, оние во кои има интерес да учествува во, па дури и да ги интензивира и поддржи белорускиот народ и граѓанското општество, како и во областите каде што може да обезбеди дополнителна помош доколку има еволуција кон новата демократска Белорусија“, изјавил Борел.

Слични содржини