ЕУ: Не може да има Европрајд без прошетка, се надеваме на решение

од Nikola Popovski

Европската унија е разочарана затоа што српското МВР ја забрани прошетката во рамки на Европрајд во Белград по рутата што беше предвидена за неа, објави портпаролот на ЕУ Петер Стано.

„Бидејќи организаторите најавија дека ќе истражуваат и бараат алтернативи, вклучително и правни акти против забраната, ЕУ изразува надеж дека ќе се најде решение пред 17 септември, за да може прошетката да помине мирно и безбедно“, се вели во соопштението.

ЕУ потсетува дека прошетката стана суштински дел од Eвропрајд откако беше воведена пред 30 години.

„Тоа е јавен израз на волјата за борба против дискриминацијата и промовира еднакви права за ЛГБТИК+ луѓето, и е највидливиот дел од Европрајд. Без прошетка не може да има Европрајд“, се наведува во соопштението.

Српската полиција донесе одлука да не дозволи прошетка на учесниците на „Европрајд 2022“ како и на учесниците на семејната прошетка организирана од „антиглобалистите“ во Белград во сабота на 17 септември 2022 година, соопштија денеска од српското МВР.

Слични содржини