ЕУ: Нема промени на границите на Западен Балкан

од Vladimir Zorba

Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман изјави денеска по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ дека многу министри во дебатата повториле дека нема промена на границите на Западен Балкан и дека тоа е неприфатливо, јави дописникот на Хина од Брисел.

Грлиќ Радман рече дека денешната дебата за Западен Балкан траела два часа и дека е задоволен што се одржала, но дека нема да има пишани заклучоци бидејќи дебатата ќе продолжи.

„Ова е процес, дискусијата ќе продолжи и заклучоците ги оставивме за подоцна“, рече хрватскиот министер за надворешни работи.

Грлиќ Радман, исто така, им изјави на новинарите дека не знае ништо за фантомскиот „нон-пејпер“ што се залага за поделба на БиХ по етничка основа и дека е можно тоа да се појавило во јавноста за да се дискредитира афирмативниот „нон-пејпер“ претставен од Хрватска.

Тој по состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ, на кој една од главните теми беше стратешката дискусија за Западен Балкан, рече дека тој документ никогаш не го видел.

„Веројатно е пуштен со цел да се дискредитира нашиот афирмативен „нон-пејпер“, рече Грлиќ Радман, по т.н. нон-пејпер, што и се припишува на Словенија, но чие постоење или авторство не е потврдено од никој и кој предлага поделба на Босна и Херцеговина по етничка основа, според Хина.

Пред тоа, потсетува агенцијата од Загреб, на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ на 22 март, министерот Грлиќ Радман го претстави хрватскиот „нон-пејпер“, кој беше поддржан од Словенија, Унгарија, Бугарија, Грција и Кипар.

Во документот се нагласува дека БиХ мора да остане во центарот на вниманието на ЕУ, дека членството на земјата во Унијата е и приоритет и стремеж и дека за да се постигне тоа, потребна е сеопфатна трансформација на целото општество.

Слични содржини