ЕУ објави пакет од 3,3 милијарди евра за поддршка на Западен Балкан

од Stefanija Kuzmanovska

Европската комисија денес објави пакет финансиска поддршка од 3,3 милијарди евра за да помогне во економското закрепнување на земјите од Западен Балкан.


Во соопштението се вели дека пакетот за помош бил „мобилизиран со Европската инвестициска банка“.

„Овој пакет е наменет за тековни здравствени и хуманитарни потреби како резултат на пандемијата од коронавирус, како и за да помогне во закрепнувањето на општествата и економијата“, се додава во соопштението.

Комисијата наведува дека подготвува параметри за долгорочна помош пред самитот ЕУ-Западен Балкан во Загреб, додавајќи дека ќе ги претстави подоцна оваа година во форма на економски и инвестициски план за регионот.

Претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен рече дека Европската унија има посебна одговорност да им помогне на земјите од Западен Балкан, чија иднина е во ЕУ, да се справат со пандемијата.

„ЕУ мобилизира голем финансиски пакет за да ја потврди солидарноста. Заедно, ние ќе ја надминеме оваа криза и ќе се опоравиме и ќе продолжиме да го поддржуваме регионот, вклучително и неопходните реформи бидејќи закрепнувањето ќе биде ефективно само доколку овие земји продолжат да ги исполнуваат своите обврски“, рече таа.

Комесарот за проширување и соседство, Оливер Вархеји, потсети дека ЕУ реагираше брзо и сеопфатно за да му помогне на регионот за време на пандемијата со обезбедување на досега невидена финансиска помош и пристап до иницијативите на Унијата.

Тој додаде дека подготовката на Економскиот и инвестицискиот план ќе продолжат да му помагаат на регионот да се опорави од кризата, да ги модернизира своите економии и реформите, со цел да ги намали развојните разлики.

Слични содржини