ЕУ одобри преговарачки мандат за визна либерализација за Косово

од Stefanija Kuzmanovska

Амбасадорите на земјите-членки на Европската унија (ЕУ) денеска го договорија преговарачкиот мандат на Советот на ЕУ за регулативата за безвизно патување за имателите на пасоши издадени од Косово.

Според најавата од ЕУ, врз основа на овој мандат чешкото претседателство ќе ги започне преговорите со Европскиот парламент.

Јан Липевски, министер за надворешни работи на Чешка, чија земја претседава со Европската Унија, оцени дека денешната одлука претставува важен чекор кон безвизно патување за Косово.

„Се надеваме дека брзо ќе постигнеме договор со Европскиот парламент за да го направиме ова ветување реалност. Визната либерализација е овозможена со напорите на Косово да ја зајакне граничната контрола, управувањето со миграцијата и безбедноста, и веруваме дека оваа добра соработка само ќе стане посилна во иднината“, рече Липевски.

Според ставот на Советот на ЕУ, ослободувањето од визното барање би се применувало од датумот на започнување со работа на Европскиот систем за информации и овластувања за патување (ETIAS), а во секој случај до 1 јануари 2024 година најдоцна.

ETIAS, инаку, е систем за давање овластување за патување во оние земји од Европската унија кои припаѓаат на Шенген зоната. Конечната одлука за преминување на надворешната граница ја носи земјата членка на ЕУ од првата дестинација.

Договорениот рок за функционирање на ETIAS е ноември 2023 година. Во случај овој систем да биде целосно функционален во дадениот рок, тоа значи дека визната либерализација за Косово исто така би стапила на сила во исто време.

Слични содржини