ЕУ воведува единствен приклучок за полнење за сите паметни телефони

од Stefanija Kuzmanovska

Европскиот парламент (ЕП) го одобри законот со кој до крајот на 2024 година ќе биде задолжителна употребата на  USB-C приклучок за полнење во електронските уреди како што се паметните телефони, таблетите и камерите кои се продаваат во земјите-членки.

На седницата на Генералното собрание на ЕП, што се одржа во Стразбур, се разговараше за нацрт-законот, кој има за цел стандардизирање на различни приклучоци за полнење на различни електронски уреди како USB-C, Micro USB и Lightning, како и намалување на електронскиот отпад, јавува Anadolu Agency.

Пратениците во Европскиот парламент го одобрија предлог-законот кој ќе донесе универзално полнење на паметните телефони со 602 гласа „за“ и 13 „против“. Според законот, USB-C ќе биде новиот стандарден приклучок за полнење.

До крајот на 2024 година, сите нови паметни телефони, таблети, дигитални камери, слушалки, преносни конзоли за видео игри, звучници и тастатури ќе имаат USB-C приклучоци за полнење.

Затоа, еден полнач ќе може да се користи на различни електронски уреди, односно потрошувачите нема да мора да купуваат кабли и полначи за секој нов уред.

Ќе се усогласат и системите за брзо полнење на уредите. Законот ќе се прошири и на лаптоп компјутерите во пролетта 2026 година. Овој чекор има за цел да го намали електронскиот отпад.

Откако законот ќе биде официјално одобрен од Европскиот совет, тој ќе стапи на сила по објавувањето во Службениот весник на ЕУ.

Слични содржини