ЕВН влезе во Арачиново, затече искинати кабли

од Берта Китинска

Екипи на ЕВН влегоа во скопско Арачиново со цел да ги отстранат дефектите во електричната мрежа поради кои големи делови од селото со недели беа без струја.
Поради безбедноста на своите вработени, кои постојано биле вербално и физички напаѓани, ЕВН претходно одбиваше да испрати екипи во Арачиново. Дефектите се случувале, како што тврдат од ЕВН, поради постојаното крадење на струја.

Екипите на ЕВН кои влегоа во Арачиново, насекаде низ селото затекнале кабли за струја и други докази за кражби. Според пресметките на компанијата, во селото годишно се краде струја вредна шест милиони евра.

Според договорот, кој беше постигнат со посредство на министерот за економија Крешник Бектеши, струјомерите во Арачиново отсега ќе се поставуваат надвор, пред куќите, за подобра евиденција и контрола на користењето на електричната енергија од страна на надлежните.

Процесот на преселба на струјомерите ќе трае една година.

Ќе се постапува во сите општини каде има загуба на струја

Општина Арачиново ќе биде една од општините што ќе биде позитивен пример и за другите општини, дека навистина елементарните прашања како што е снабдувањето со електрична енергија, но и обврските што ги имаме како граѓани, ќе се одвиваат на фер и непристрасен начин, не дискриминирајќи никого, изјави денеска министерот за економија, Крешник Бектеши.

Тој, во денешната емисија ClickPlus на ТВ21, рече дека истовремено обврска на институциите, почнувајќи од локалната до централната власт е да создадат основни услови за сите жители и да побараат од жителите да си ги исполнат обврските.

– За Општина Арачиново со години се зборува, штета што во XXI век зборуваме за средства кои ги издвојува Владата, за општина која континуирано е дискриминирана. Ние нема да застанеме тука, ќе одвоиме дополнителни средства за Општина Арачиново, за изградба на канализација, водовод и слично, рече Бектеши.

Слични содржини