Европа брза да ги наполни складиштата со руски дизел пред ембаргото

од Stefanija Kuzmanovska

Европските трговци брзаат да ги наполнат складиштата со руски дизел пред да стапи на сила ембаргото на руските деривати во февруари следната година, а алтернативните извори на снабдување се сè уште ограничени, тврдат аналитичарите. На почетокот на декември стапува на сила ембаргото на ЕУ на руската нафта, а на 5 февруари ембаргото на дериватите. Европа увезува најголем дел од дизелот од Русија.

Испораките на руски дизел наменети за складирање во регионот Амстердам-Ротердам-Антверпен (АРА) се зголемија повеќе од двојно меѓу 1 ноември и 12 ноември во споредба со октомври, рече Памела Мунгер од фирмата за енергетска аналитика Vortex.

Бидејќи Европа има само неколку профитабилни алтернативни извори на снабдување на краток рок, дизелот од Русија учествуваше со 44 отсто од вкупниот европски увоз во ноември, споредено со 39 отсто во октомври, според податоците на Refinitiv.

Според тоа, Русија сè уште е најголемиот снабдувач на дизел во Европа, иако нејзиниот удел е намален во споредба со периодот пред руската инвазија на Украина, кога сочинуваше повеќе од половина од европскиот увоз.

„ЕУ ќе треба да обезбедува околу 500 до 600 илјади барели дизел дневно за да го замени обемот на увоз од Русија, а замената ќе дојде од САД и од областа источно од Суец, пред се од Блискиот Исток и од Индија“, рече Јуџин Линдел од FGE.

Слични содржини