Европарламентарци: Пристапувањето во ЕУ само по себе е процес, а не цел, С.Македонија не треба да отстапи од патот на реформите

од Stefanija Kuzmanovska

Очекувам претстојните избори во С.Македонија да бидат спроведени според највисоките демократски стандарди. Формирајќи ја надворешната перспектива, сегашната влада успеа да го реши спорот со Грција што го кочеше напредокот на С. Македонија со децении. Се надевам дека земјата нема да се врати на практиките како во времето на владеењето на Груевски, вели хрватската претставничка во Европскиот парламент, Билјана Борзан за „Локално“.

Во врска со најавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен дека ЕК за неколку седмици ќе излезе со новата методологија за проширување, ја запрашавме Борзан дали истата ќе донесе перспектива за С.Македонија за почеток на пристапните преговори.

„Тоа секако ќе ја разјасни ситуацијата и се надевам дека ќе донесе позитивна перспектива, бидејќи С. Македонија заслужува да ги започне преговорите. Хрватска е голем поддржувач и пријател на С. Македонија и ние ќе се обидеме да го искористиме нашето претседателство на ЕУ за да се заложиме да започнат пристапните преговори, одговори таа.

Во врска со истото прашање, Милан Брглез, претставник во Европски парламент од Словенија, смета дека методологијата не може да одлучи за животот и иднината на една земја и нејзиниот народ. Тој истакна дека е сигурен дека единствената можна перспектива, и за С. Македонија и за ЕУ, е членството на С. Македонија во ЕУ.

Брглез додаде дека заклучоците на Советот беа неуспех на политиката на ЕУ, што не го менува фактот дека С. Македонија заслужува да ги започне пристапните преговори.

Доколку С.Македонија не добие датум за старт на преговорите со ЕУ на самитот во Загреб, земјата не треба да отстапи од патот на реформите и модернизацијата бидејќи тие се корисни за граѓаните, истакнува Борзан.

Таа потсети дека Хрватска направи големи скокови во однос на демократските и социјалните реформи за време на процесот на пристапување и тоа ја направи земјата подобра за сите.

Слично мислење дели и Брглез, кој наведе дека пристапувањето само по себе е процес – пат, а не цел.

„С. Македонија направи важни чекори за да ја загарантира својата иднина во ЕУ. Останувам целосен поддржувач на процесот и ќе направам сѐ што е во моја моќ Заклучоците во Загреб да го поддржат идното проширување, истакна тој.

С.К.

Слични содржини