Европратеници: Софија и Скопје да ги стават настрана идентитетските прашања

од Vladimir Zorba

Претседателот на делегацијата на Европскиот парламент за односи со Северна Македонија, Андреас Шедер, денеска изјави дека Северна Македонија и Бугарија треба да се оддалечат од идентитетските и историските прашања.

„Не сум сигурен дека пренагласувањето на историската дебата, можеби и со лажни аргументи, е добро решение за иднината“, рече австрискиот социјалдемократ на виртуелниот брифинг за Северна Македонија, пренесе „Хина“.

Во декември 2020 година, Бугарија одби да ја прифати рамката за преговори за Северна Македонија, со што го блокираше почетокот на преговорите за влез во Европската унија.

Софија, меѓу другото, инсистира на тоа Скопје да признае дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик имаат бугарски корени.

Барааат Северна Македонија да ја отстрани од учебникот терминологијата за „бугарската фашистичка окупација“ за време на Втората светска војна, одредени личности за кои Софија тврди дека се Бугари, да се откаже од тезата за етничките Македонци во Бугарија.

Потоа, Софија на сите земји-членки на ЕУ им испрати документ под наслов „Меморандум што ги објаснува односите меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија во контекст на процесот на проширување и асоцијација и стабилизација“, во кој се наведува дека поранешните југословенски власти вршеле етнички и јазичен инженеринг во Македонија”.

Шедер рече дека, како дел од неговата функција, „тој морал да научи повеќе за историјата отколку што сакал“.

„Политичарите подготвуваат прашања за идентитетот кога не можат да одговорат на основните животни прашања“, рече тој и додаде: „Се плашам дека тука станува збор за тоа“.

Тој истакна дека зеленото светло на Бугарија за пристапни разговори е „најдобриот начин за решавање на меѓусоседските односи“.

„Оставете ги настрана идентитетските прашања и работете на други работи“, рече Шедер.

Слична порака испрати и бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, известувач за Северна Македонија.

„Нека историчарите дискутираат за историјата, а политичарите нека бидат храбри“, рече членот на Движењето за права и слободи, што ги застапува интересите на турското малцинство во Бугарија.

Билатералните односи не треба да влијаат на пристапувањето на земјите од регионот во ЕУ, рече Ќучук.

Слични содржини