Европска компанија има намера да превезува патници во проблематични авиони „боинг“

од desk2

Иако компанијата „Боинг“ долго време имаше проблем со продажбата на проблематичниот модел „737“, се чини дека неделава среќата ѝ се насмевна. Во вторникот авиокомпанијата International Airlines Group (ИАГ) најави дека планира да купи 200 авиони „737 макс“, информира Си-ен-ен.

Компанијата ИАГ, во чија сопственост се „Аер лингус“, „Бритиш ервејс“, „Иберија“ и други европски превозници, својата намера да набави модели „боинг 737“ ја објави на саемот за авијација во Париз. И покрај тоа што компанијата користи авиони од „Боинг“, досега повеќето од патничките авиони ги набавуваше од конкурентската компанија „Ербас“.

Авионите „737 макс“ беа приземјени во целиот свет кон средината на март по трагичните авионски несреќи во Етиопија и Индонезија кога загинаа 346 патници и членови на екипажот.

Во двете несреќи автоматизираниот систем Maneuvering Characteristics Augmentation System (MCAS) неправилно ги исчитувал податоците за издигнување, односно автоматски го спуштал носот на авионот оневозможувајќи им на пилотите мануелно да го решат проблемот и да воспостават контрола над леталото.

Иако „Боинг“ неодамна објави дека веќе има стабилно софтверско решение за проблематичните модели, сепак сè уште не е познато кога повторно тие ќе добијат дозвола за летање.

„Ние имаме доверба во ‘Боинг’ и очекуваме дека овие авиони успешно ќе се вратат во служба во следните неколку месеци“, изјавил Вили Волш, извршен директор на ИАГ./Denar

Слични содржини