Европската комисија предлага помош од 100 милиони евра за С. Македонија

од Nikola Popovski

Европската комисија (ЕК) денеска предложи да се обезбедат до 100 милиони евра макрофинансиска помош за потребите на Северна Македонија. Со овој предлог, Комисијата стои до Северна Македонија во тешки времиња, бидејќи, по руската агресивна војна против Украина, надворешниот биланс на земјата брзо се влоши поради нејзината голема зависност од увозот на гориво и електрична енергија. Северна Македонија, исто така, се соочува со големи потреби за отплата на надворешниот долг во 2023 година во контекст на условите за финансирање, стои во објавениот извештај.

Предложената помош ќе придонесе за покривање на финансиските потреби на Северна Македонија во 2023 и 2024 година, поддржувајќи ја и фискалната одржливост и структурните реформи.

-Помошта ќе дојде во форма на заеми, кои ќе се исплатат во две транши. Овие две плаќања би биле условени со спроведување на политичките мерки кои треба да се договорат меѓу Северна Македонија и ЕУ со Меморандумот за разбирање. Плаќањата, исто така, би биле условени од позитивното искуство во спроведувањето на програмата на ММФ. Овие реформи ќе ја поддржат Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ, се додава во извештајот.

По повод предлогот, се огласила и шефицата на ЕК, Урсула Фон дер Лајен.

-Стоиме покрај Северна Македонија во овие предизвикувачки времиња. Денеска предлагаме до 100 милиони евра макрофинансиска помош за поддршка на економијата на земјата, придонесувајќи за покривање на нејзините финансиски потреби во следните две година, рекла Фон дер Лајен.

Сега останува на Европскиот парламент и на Советот да го разгледаат и усвојат предлогот. Откако ќе се усвои, предлогот ќе стапи на сила, под услов да се исполнат потребните услови, кои ќе бидат утврдени во Меморандумот за разбирање меѓу Северна Македонија и ЕУ.

Слични содржини