Европската комисија предложи максимална цена на гасот

од Vladimir Zorba

Европската комисија предложи максималната цена на гасот да биде 275 евра за мегават час, а оваа мерка да се применува од 1 јануари и да важи една година, изјави еврокомесарот за енергетика Кадри Симсон.

Комисијата се надева дека воведувањето максимална цена на гасот ќе им помогне на земјите-членки да ги намалат цените на енергијата за домаќинствата и деловните субјекти, кои достигнаа рекордно ниво оваа година по руската инвазија на Украина, што доведе до инфлација и повисоки животни трошоци, објави Ројтерс.

На 24 ноември министрите за енергетика на земјите-членки на ЕУ ќе разговараат за овој предлог, а оваа идеја во претходниот период доведе до несогласување на 27 земји од блокот.

Белгија, Грција, Италија и Полска бараат воведување ограничувања на цената на гасот, а Германија како најголема економија во Унијата се противи, јавува РСЕ

Германија рече дека ограничувањето може да ја отежне набавката на толку потребниот гас и да го намали поттикот за ограничување на потрошувачката на енергија, кога земјите треба да штедат гориво и да најдат замена за руските резерви.

Комисијата предложи максимална цена за рускиот гас во септември, но се откажа од идејата по отпорот на земјите од Централна и Источна Европа, кои беа загрижени дека Москва ќе возврати со прекинување на гасот што сè уште им го испраќа.

Европа се потпираше на Русија за приближно 40 отсто од увозот на гас пред Москва да ја нападне Украина, а тој процент се намали на околу осум отсто откако Русија во меѓувреме го прекина снабдувањето со Европа.

Слични содржини