Европската комисија покрена постапка против Унгарија

од Nikola Popovski

Европската комисија покрена постапка против Унгарија во рамки на новиот механизам според кој користењето средства од европските фондови е условено со почитување на владеењето на правото.

„Идентификувавме прашања кои би можеле да бидат кршење на владеењето на правото и кои влијаат на буџетот на ЕУ“, рече заменик-претседателката на Комисијата за транспарентност Вера Јурова на прес-конференција, пренесува Хина.

Постапката е започната со испраќање допис кој е официјално предупредување.

Во име на Европската комисија го испратил комесарот за буџет Јоханес Хан, но содржината на писмото не е објавена.

Според правилата, постапката може да потрае и до девет месеци.

Унгарија сега има два месеци да одговори на писмото, а Комисијата потоа има еден месец да го анализира тој одговор.

После тоа, Комисијата може да предложи суспензија или намалување на плаќањата од европските фондови поради констатираните прекршувања, а конечната одлука ја носат членките на ЕУ со двојно мнозинство.

За казната мора да гласаат најмалку 15 земји-членки, со најмалку 65 отсто од населението на ЕУ.

Според извори од Комисијата, постапката е поведена поради сериозна загриженост во однос на унгарското искористување на средствата од европскиот буџет, меѓу другото поради условите за јавни набавки, недоволната контрола и транспарентност во користењето на средствата и недоволната борба против митото и корупцијата.

Регулативата, која никогаш претходно не била користена, му дозволува на Европскиот совет да усвои, на барање на Европската комисија, мерки како што се суспензија на плаќањата финансирани од буџетот на Унијата или суспензија на одобрување на една или повеќе програми финансирани од буџетот.

Унгарија и Полска, кои поради таа регулатива би можеле да останат без значителни средства од европскиот буџет, во март минатата година се обратија до Судот на ЕУ и побараа негово поништување, но Судот во февруари годинава го одби нивното барање.

Слични содржини