Европската комисија во четвртокот поведе постапка против Унгарија и некои региони во Полска за дискриминација на ЛГБТ лицата, објави Европската комисија (ЕК) на својата веб-страница.

Унгарија се најде на удар на повеќето членки на ЕУ откако унгарскиот парламент неодамна донесе закон со кој се забранува едукација на младите за проблемите на ЛГБТ заедницата, додека скоро сто полски региони минатата година беа прогласени за „зони ослободени од ЛГБТ идеологијата“.

„Еднаквоста, почитувањето на човековите права и човечкото достоинство се меѓу основните вредности на ЕУ, наведени во член 2 од Договорот за Европската унија. Комисијата ќе ги искористи сите механизми што ѝ се на располагање за да ги заштити овие права“, рече претседателот на ЕК Урсула фон дер Лејен.

Европската комисија сè уште не ја заврши проценката на националниот план за закрепнување и издржливост на Унгарија, иако рокот од два месеци истече во понеделникот и има намера да ѝ предложи на Будимпешта продолжување на рокот за проценка.

Извршната власт на ЕУ не сакаше да ги открие причините за доцнењето, но се шпекулира дека причината може да биде контроверзниот унгарски закон со кој се ограничуваат правата и слободите на ЛГБТ лицата, пишува „Јутарњи лист“.

Слични содржини